Маричиќ очекува позитивен извештај од Европската комисија

Следната недела пристигнува Извештајот на Европската комисија за напредокот на државата, соопшти заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Тој додаде дека очекува истиот да биде позитивен.

– Очекуваме позитивен Извештај кој несомнено ќе биде наш водич за следните реформи и активности, со сите негови добри и помалку добри оценки. Ова ќе биде прв Извештај од почетокот на преговорите и не очекувам да има некакви изненадувања - рече вицепремиерот Маричиќ.

Вицепремиерот и главен преговарач со Унијата, Маричиќ, информираше и дека од 7-ми ноември, со почетокот на билатералните состаноци, ќе има разделување со албанскиот преговарачки тим, и дека земјава одделно ќе го продолжи билатералниот скрининг.

На брифингот, покрај Маричиќ беше и надворешниот експерт, поранешниот хрватски преговарач, Владимир Дробњак, кој даде краток осврт на текот на преговорите на Хрватска и го сподели искуството во преговарањето со Европската Унија во одделни области.