Македонските пејачки се преориентираа кон етното стил: Мини здолништата и длабоките деколтеа ги заменија со народни носии!

Македонските пејачки во последно време се почесто, преориентирајќи се кон етното или правејќи преработки на традиционалните стари македонски песни и гардеробата ја адаптираат според музичкиот жанр.

Деколтеата, мини здолништата, сексапилните, тесни и разголени фустанчиња многу од нив за потребите на спотовите и настапите по телевизиите и фотосесиите ги заменија со народна носија.

Иако повеќето признаваат дека поудобно се чувствуваат во лесните лелеави фустанчиња и модерната облека отколку во носиите кои се тешки, сепак како вистински професионалци сакајќи звукот да кореспондира со гардеробата посегнуваат по везени кошули, волнени чорапи, срмени елеци, престилки… Замислата на сите им е иста освен убавите македонски песни да ја презентираат и убавата македонска народна носија. Многу од нив не се одлучуваат за класична носија од некој крај, туку еднобојните материјали од кои ги прават кошулите или фустаните се извезени со народен вез.

Елена Велеска, Сузана Спасовска, Андријана Алачки, Јулија, но и Ребека на последното етно цеде при изборот на гардеробата посегнаа по носијата и традиционалниот вез, се само дел од пејачките кои сакаат облека со традиционални народни мотиви.

Сузе Национале прва посегна по народниот вез во своите креации за настапите, таа како се трансформираше музички така се преобразуваше и стилски. Високите чизми, мини здолништата, периките ги исфрли и се сврте кон посмирените креации задолжително украсени со традиционален вез.

Елена Велеска, пак, сними спот со носија, а не помал е и придонесот кој го даваат Андријана и Горан Алачки, кои патувајќи низ светот ги запознаваат странците со македонскиот фолклор. Негувајќи го коренот Андријана без проблем се трансформира со носија на себе, овци зад себе, стомна и вретено во раката…

На своите настапи задолжително во носија се појавува и Елена Јовчевска која е првата жена на домашен терен која свири на гајда.