Македонските компании очајно бараат кадар, а младите масовно се иселуваат

Македонските компании очајно бараат кадар, младите масовно се иселуваат, а државата нема решение. Недостигот на работна сила е најголемиот ограничувачки фактори покрај недоволната домашна и странска побарувачка со кој се соочуваат македонските компании.

Од Стопанската комора на Македонија велат дека се неопходни промени во системот на формалното образование кое треба да го реши проблемот, а неформалното образование може само краткорочно да го надмине јазот помеѓу недостигот од работна сила и потребите на пазарот на трудот.

Оттаму истакнуваат дека во услови на пораст на индустриското производство, зголемување на извозот и поволните оценки за економската состојба во државата главен проблем на компаниите останува недостигот на квалификуван кадар.

– Обезбедување на работна сила е највисокиот приоритет за бизнис секторот. Овој проблем треба да се решава со реформи во образовниот процес, но и со брзи кратки решенија, како преквалификација и дуално образование, вели Даниела Михаловска -асилевска од Стопанската комора.

Од Комората посебно го акцентираат проблемот со недостиг на работна сила во прехранбената металната и електроиндустријата како ограничувачки фактор на растот и зголемениот извоз во овие индустрии. За таа цел апелираат дека е потребно да се зголеми квалитетот на формалното образование, а неформалното да овозможи побрзо приспособување кон барањата и потребите на пазарот.

– Се намалува работниот потенцијал завршените средношколци се без потребните знаења, немаат доволно практично искуство и потребни вештини. Поради тоа потребни се дуално образование и промени во системот на средно стручно образование, вели Борис Тримчев од Стопанската комора на Македонија и додава дека бројот на ученици во средните стручни училишта во последните десет години е намален за 65 отсто.

Тој додава дека, работодавачите не се мотивирани да примаат ученици, а учениците не се заинтересирани за практична настава. Од друга страна системот на средно стручно образование е застарен, а училиштата се недоволно опремени.

Според него, за да се реши овој проблем потребни се стимулирачки мерки за поголема вклученост на бизнис секторот, како и за зголемување на интересот кај учениците за запишување во средните стручни училишта, поголема опременост со стручна опрема и подобрување на квалитетот на образовниот систем.

Васко Ристовски од Комората вели дека последните две години и компаниите од прехранбениот сектор се соочуваат со овој проблем.

– Проблемите со недостиг и скапи суровини за преработувачката индустрија се надминати, сега главен проблем и на компаниите од овој сектор е недостигот на работна сила, вели Ристовски.