Македонија вечерва против Украина го отвора ЕП

Mакедонската ракометна репрезентација денеска ќе го одигра својот прв натпревар на Европското првенство кое се одржува во Шведска, Австрија и Норвешка.

Натпреварот на Македонија против селекцијата на Украина е закажан за вечерва во почеток од 20:30 часот во „Виенер Стадхале“ во Виена.

Македонија против Украина влегува како „благ“ фаворит пред се поради искуството од ваквите натпреварувања кое се надеваме дека нашите ракометари ќе знаат да го искористат и да стигнат до толку посакуваниот триумф.

Македонскиот селектор Данило Брестовац вчера на средбата со медиумите во Виена отворено ја нагласи желбата за успешен почеток против Украина и покрај тоа што Македонија ја очекуваат три тешки дуели во групата.

Јасно е дека најинтересниот момент за целокупната македонска јавност е зошто капитенот Кирил Лазаров воопшто не настапи на пријателските дуели во Словенија, против Црна Гора и домаќинот Словенија…

-Јас искрено би сакал Лазаров да игра постојано, да игра 60 минути на натпревар… Но, да бидеме реални, Кире е во поодминати години и сепак природата си го чини своето. А, ние мора да го почитуваме тоа. Затоа неопходно е и јас како селектор да ги почитувам размислувањата на Лазаров. Факт е дека ние сме 60-70% подобри со Кире во тимот, но има 40 години и ние тоа мора да го почитуваме, истакна Брестовац.

Селекторот Данило Брестовац вчера ги соопшти имињата на 18 ракометари на кои ќе смета на првенството:

Борко Ристовски (Бенфика)
Никола Митревски (Еурофарм Пелистер)
Мартин Томовски (Лудвигсхафен)
Дејан Манаскон (Веспрем)
Бојан Маџовски (Еурофарм Пелистер)
Филип Талески (Балинген)
Филип Кузмановски (Магдебург)
Горан Крстевски (Линц)
Мартин Велковски (Еурофарм Пелистер)
Кирил Лазаров (Нант)
Мартин Серафимов (Металург)
Марио Танкоски (Металург)
Марко Мишевски (Гренобл)
Гоце Георгиевски (ЧСМ Букурешт)
Мартин Поповски (Пролет 62)
Стојанче Стоилов (Вардар)
Жарко Пешевски (Битенелд/Штутгарт)
Никола Маркоски (Еурофарм Пелистер).

Резерви ќе бидат голманот Томовски и бекот Серафимов.

Најдобриот пласман на македонските ракометари на ЕП засега е петтото место во Србија во 2012 година.