Денеска беше реализиран успешно транспорт од Унгарија до Македонија со медицински хеликоптер („медикоптер“) на болно лице за понатамошна подолготрајна нега.
Конкретно, на 11 април преку Единствениот број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи, а подоцна и преку официјалната електронска пошта на ЦУК и до директорот Стојанче Ангелов, пристигна барање за транспорт од Унгарија до Македонија со медицински хеликоптер („медикоптер“) на болно лице, македонски државјанин, којшто бил професионален возач и во Унгарија доживеал мозочен удар, па повеќе денови бил во индуцирана – вештачка кома во Унгарија, во градот (Szeged).
Во телефонскиот контакт со ќерката на болното лице, беше добиена информација дека било стапено, од нејзина страна, со надлежните медицински установи во Македонија, од каде што и посочиле дека е потребен безбеден транспорт и интензивна подолготрајна нега.
Притоа, на барањето е одговрено веднаш и по создавањето услови за безбеден транспорт, тоа е реализирано од страна на Хеликоптерската единица на МВР со хеликоптерот „бел“ 412, во содејство со Министерството за здравство денеска.
Ова е дел од активностите при што државните водухопловни ресурси, во случајот полициските хеликоптери, со мали модификации и опремување со специфична опрема, се употребуваат повеќенаменски, односно покрај за гаснење пожари сега се употребуваат и за медицински транспорт.