Лефков: Џафери да се вразуми и да ги стави на гласање уставните измени, свесно го прекрши Деловникот

Талат Џафери спротивно на Деловникот за работата на Собранието ја одложи точката за гласање за потребата од отворање на Уставот. Според Деловникот, гласањето мораше да биде во петокот кога беше завршен претресот и имаше обезбедено кворум за гласање, изјави на денешната прес-конференција Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Џафери го примени членот 165 став 1 од Деловникот, иако тој регулира постапка за измени на законот, а не за измена на Уставот, за што има и посебна глава во Деловникот. Наместо тоа, Џафери мораше да ги примени членовите 95 и 96 од Деловникот, според кои не смее да се одложи гласање за измена на Уставот. Талат Џафери свесно го прекрши Деловникот за работата на Собранието за да им овозможи на ДУИ и СДС да останат на власт ден повеќе“, вели Лефков.

Џафери, додава пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, е ставен во улога на спасител на владините фотелји прекршувајќи правни акти и процедури.

Според него, Џафери е свесен дека кога и да се стават уставните измени на гласање, тие ќе пропаднат, но и дека по тоа, не останува ништо, освен одење на избори, затоа Џафери одолжува.

„Го повикуваме Талат Џафери да се вразуми и да ги стави на гласање уставните измени. Колку подолго власта вештачки се одржува, толку полошо за Македонија, но и толку потежок ќе им биде поразот“, додава Лефков.