Кривична пријава против 12 лица, криумчареле мигранти од Непал и Сирија преку Грција и Србија

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски објави дека е поднесена кривична пријава против 12 лица поради кримучарење мигранти.

Кривичната пријава е поднесена против Ф.И.(33), С.Б.(33), А.И.(26), тројцата од Скопје и А.А.(37) и А.Ј.(33), двајцата од Неготино, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ по член 418-в и „криумчарење на мигранти“ по член 418-б од Кривичниот законик и против Е.Б.(35), Б.С.(37), двајцата од Скопје, К.Е.(35), А.П.(37), двајцата Штип, Д.Ц.(44) од Виница, И.И.(19) од Куманово и Р.К.(32) од Струмица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ казниво по член 418-в од Кривичниот законик.

„Имено, од страна на полициски службеници од Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе под раководство на јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, во рамки на криминалистичка истрага, беше спроведена координирана полициска операција со цел расчистување на кривични дела кои се однесуваат на организирање на група за вршење на кривични дела криумчарење мигранти.

За време на истрагата е дојдено до сознанија дека пријавените заедно со лице од странство организирале криминална група која организирала криумчарење на поголем број мигранти, најмногу од Непал и Сирија, кои биле пренесувани од територијата на Република Грција преку илегални премини во околината на Гевгелија и Демир Капија. Исто така, организаторите на истиот начин криумчареле мигранти кои биле пренесувани од територијата на Република Србија во околината на кумановско - липковскиот регион. Од овие локации членовите на групата ги преземале мигрантите со патнички и товарни возила и ги превезувале преку илегални премини кон државите на Европската унија“ напиша Тошковски

Тој посочи дека биле извршени претреси кај пет лица во Скопје и Неготино каде притоа се пронајдени и одземени поголем износ на пари, пиштол, моторни возила, мобилни телефони, СИМ картички итн.