Креативност и убав стил: Новите канцеларии на Мајкрософт во Скопје (фото)

Microsoft во последните неколку месеци со многу работи покажа дека се редефинира од гигант кој влезе во комфорт зона, во компанија која се залага да понуди подобри услуги, производи и да се доближи до трендовите. Компанијата го редизајнираше Paint, активно работи на HoloLens, претстави кул хардвер Surface и Dial, се приклучи на Linux фондацијата… Оваа енергија на глобално ниво се чини дека се пресликува и во работата на Microsoft во Македонија.

Компанијата после неколку години пауза ја врати конференцијата Microsoft Визија, овој пат вложувајќи многу повеќе напори во нејзината организација и претставување отколку минатите години кога корпоративното беше изедначено со досадното, а од тоа што го забележавме и на сајтот на Македонска Архитектура, компанијата има инвестирано и во нов и кул канцелариски простор.

Во изработка на КЛ студио, новиот 230 метри квадратен простор на Microsoft Македонија изобилува со весели бои, кои се одраз на модерната архитектура во спој со локалната традиција. Канцелариите се наоѓаат во бизнис зградата City Plaza во центарот на Скопје (спроти Рамстор).

„Глобалниот производител, всушност, се обидува да се надмине себе си како бренд преку промовирањето на оригинални канцелариски простори, секаде поинакви и секогаш уникатни – соодветни на сопствениот простор и културен контекст со цел да создаде комфорни простори за своите вработени и гости; наспроти практиката на повеќето глобални компании кои едноставно го реплицираат својот просторен потпис каде и да се наоѓаат во светот.“ – појаснува Дијана Омерагиќ Апостолски за MARH.mk.

Повеќе фотографии погледнете на Marh.mk