Конференциска лига: Македонија ЃП пред полни трибини против софиска ЦСКА

Фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров попладнево на стадионот на ФФМ тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје ќе ја пречекаат софиска ЦСКА пред полни трибини, откако освојувачот на македонскиот Куп соопшти дека се продадени сите билети за натпреварот од 2. квалификациско коло во УЕФА Конференциската лига.

Капацитетот на стадионот е 1.162 столчиња, а, според најавите, поддршка од трибините ќе има и бугарскиот тим од 60 навивачи.

УЕФА за натпреварот што ќе се игра со почеток во 17:30 делегираше свој комесар за безбедност.

Реваншот е по една недела во Софија, а поуспешниот тим продолжува на европската сцена во 3. квалификациско коло во Конференциската лига во кое ќе игра со победникот од пресметката меѓу Сент Патрик од Република Ирска и словенечка Мура.