„Комитите“ побараа обвинението за смртта на Саздовски да се смени од насилство во убиство

Навивачката група „Комити“ на денешниот марш за Никола Саздовски порачаа дека очекуваат обвинението да се смени од насилство во убиство.

„Решето го случајот или ние ќе го решиме. Бараме вистинска, а не селективна правда“, порачаа тие.

Како што рекоа од „Комити“, во земјава се случуваат флагрантни и безобразни кршења на правдата и законите за политички интереси и побараа тоа да не се случи за овој случај.

„Бараме институциите на системот, полицијата, ОЈО и судството да ја спроведе правдата за одземениот живот на нашиот непрежален, Никола Саздовски – Саздо. Новинарите и медиумите објективно и непристрасно да пренесуваат информации и да не заташкуваат и предизвикуваат гнев и бес“, рекоа од „Комити“ на протестот.

Според нив, се работи за свирепо убиство за кое треба најстрога казна.

„Бидејќи сме пред се луѓе, бараме да се цени човечкиот живот и да не се злоупотребува и избегнува правдата преку некакви изговори за разноразни политички, етнички и други односи. Убијците мора да бидат казнети, правдата мора да биде задоволена и да важи еднакво за сите“, рекоа „Комити“.