Практиката на матичните гинеколози да наплаќаат за прегледите е стар проблем, но сѐ уште не решен.

- Со години плаќам од 500 денари нагоре, во зависност од тоа каква услуга добивам. Кога дознав дека е бесплатен прегледот, следното одење на гинеколог побарав фискална. Сестрата се збуни, ја побара докторката, шушкаа нешто тивко, отиде во друга просторија и ми даде сметка за нешто што не правев, некаква промивка - вели Емилија. 

Пациентите често се жалат во Фондот за здравствено осигурување, и на инфо-линијата и писмено.Осигурените лица најчесто доставуваат поплаки и претставки за наплатен преглед што треба да е бесплатен во дел од ординациите на избраните лекари по општа гинекологија.

- За ехо, Пап-тест и колоноскопија кај матичниот платив 1.200 денари. Знам дека е бесплатно, но немам избор. Сметам дека е стручен, а сите што би ги избрала за матичен се преполни со пациенти и не примаат нови - вели Бети.

Пациенти пријавувале дека плаќале дополнително за примање инјекции, или аплицирање задолжителна ампуларна терапија, спротивно на пропишаната партиципација. Исто така често се жалеле дека плаќаат и за Пап-тест и за микробиолошки брисеви над дефинираниот износ за партиципација.

- Осигурениците пријавуваат за наплата на дополнителни средства кај избраниот гинеколог за преглед и помошните дијагностички прегледи со ехо, колпоскопија, тоалета (промивка) спротивно на правилникот за содржината и начинот на остварување на правата и обврските од задолжително здравствено осигурување. Има пријави за неосновано наплаќање на прв преглед како приватен преглед ако сакаат да бидат пријавени како матични пациенти кај определен гинеколог, како и за наплата за потрошен материјал што се користи при прегледот (на пример пластичен спекулум) - велат од Фондот.

Оттаму објаснуваат дека кај матичните лекари не треба да се наплаќаат основните здравствени услуги за кои Фондот им плаќа капитација на матичните лекари. На осигурените лица може да се наплаќа партиципација само за аплицирана ампуларна терапија (задолжителна и ургентната терапија). 

Приватните здравствени установи, објаснуваат од Фондот, треба на видно место во ординацијата на матичниот лекар да истакнат текст дека „прегледот, како и помошните дијагностички прегледи со ехо, колпоскопија и земање брис кај избраниот лекар не се наплаќаат“.

Иако по закон за прегледите кај матичните гинеколози не треба да се наплаќа, најголем дел од нив им земаат пари на пациентките. Кога избраниот гинеколог ќе побара пари за бесплатен преглед, советуваат од Фондот, осигуреничките треба да му посочат дека се запознаени со нивните права и дека прегледот кај избран лекар не се наплаќа. 

- Во случај кога се инсистира на наплата за прегледот, потребно е да побараат фискална сметка за извршените здравствени услуги и да го информираат Фондот, било преку претставка доставена во писмена форма било преку електронска форма, а во прилог да достават фотокопија од финансиската документација (фискална сметка) – велат оттаму.