Во Европската Унија се 33 милиони жители, или 6,7 отсто од вкупното население, во Бугарија се една третина од сите луѓе, но колку граѓани во Македонија имаат сериозен финансиски проблем, пишува Фактор.

Во земјава не се објавува податок за строго материјално погодени лица како тие што ги подготвува европското статистичко биро Евростат. Според податоците од Државниот завод за статистика, сиромашни во земјава се безмалку една третина од населението, слично како и во Бугарија, која пак по овој показател се најде на дното на листата држави во Унијата. Евростат објави листа за тоа во која земја има најмалку, а во која најмногу граѓани на кои месечните примања не им стасуваат да ги подмират сите сметки и да живеат нормален живот. Такви во ЕУ се само 6,7 отсто од жителите, додека ако се анализира по земји, најмал е процентот во Шведска каде такви се само 0,8 отсто од граѓаните. Меѓу најзагрозените освен Бугарија се и Грција и Романија.

НЕМААТ ОДМОР И НЕ ВОЗАТ АВТОМОБИЛ

Евростат објавува податок за таканаречени материјално загрозени лица, а во оваа категорија спаѓаат сите оние кои не можат да си дозволат најмалку четири од девет работи. Во тие девет спаѓаат плаќањето на сите сметки на време, одржување на домот со адекватна топлина, соочување со неочекувани трошоци. Четврт критериум е дали граѓанинот може да јаде месо или риба често, петти, дали може да оди на еднонеделен одмор надвор од домот, следен е да има телевизор. Седми критериум е да има машина за перење, осми да има автомобил, а последен да има телефон. Македонската статистика не ги мери способностите на граѓаните по овие критериуми, но по слична методологија пресметала дека во земјава во 2016 година, сиромашни се 21,8 отсто од граѓаните или 450.500 граѓани. Коефициентот Џини пак, кој е мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите изнесува 33,6 проценти.

Инаку едно просечно македонско семејство во 2016 година потрошило 333.399 денари од кои дури над 135 илјади се за храна.

На месечно ниво, како што покажуваат податоците од синдикалната потрошувачка кошница, дури 41 отсто од платата оди за храна. За домување се 32 проценти, за хигиена седум отсто, останатите за превоз, облека, култура.

КОИ СЕМЕЈСТВА СЕ НАЈПОГОДЕНИ

Анализирано по типови домаќинства во Македонија најголема стапка на сиромаштија од 50,6 отсто има кај домаќинствата со три или повеќе издржувани деца, а најниска во самечки домаќинства со еден возрасен член на возраст од над 65 години.

Во Европската Унија најзасегнати пак, се лицата кои живеат сами. Во материјално лишена состојба се 9,6 отсто од домаќинствата со еден човек каде нема деца.

Тој дел е понизок во домаќинствата со двајца или повеќе возрасти или 5,2 отсто за тие без деца и 6,1 отсто каде има и деца. Инаку процентите се намалуваат во повеќето земји членки на Унијата.

Од државите во Бугарија, каде ситуацијата е најлоша и 30 отсто од населението се материјално лишени, во Грција се се 21, 1 процент, а во Романија се 19,4 проценти. За разлика од нив, овие луѓе се под три отсто во Шведска (0, 8 проценти), Луксембург (1,6 проценти), Финска ( два отсто) и Холандија (2,6 отсто).