Коцка, хашиш и проституција: Една ноќ на скопската улица на проститутките

Во минатото во Скопје имиња на кафеаните и на борделите во улицата создавале впечаток како да се движите низ некој чудесен крај кој ви ја разгорува фантазијата: "Империјал", "Америка", "Шангај", "Бела лаѓа", "Океан", "Босфор", "Марс", "Златен паун", "Брзиот воз". Самото име брзиот воз укажува на податокот дека улицата се наоѓала во близина на Железничката станица каде што бил најприсутен најстариот занает на светот, раскажува скопскиот хроничар Данило Коцевски.

.

Колку бил необичен тој свет на ноќното Скопје, зборува и фактот што проституцијата била поврзана со разни други феномени на тој живот. Почнувајќи од забавата во угостителските објекти и надвор од нив, па се до коцкањето, а често и хашишот кој, главно, бил шверцуван од Истокот. Скопје се будело со првиот мрак и живеело посебен живот, с до рани зори, кога се играло барбут и мунте, и се посетувале дамите на ноќта. Од кафеаните, во таа славна улица на проститутките одекнувала најразлична музика со тогаш популарните песни "Бате, ле бате, Стојане", "Црвен фесиќ, јој, мамице", а особено "Ајде слушај, слушај, калеш бре, Анѓо".

Песната и танците, всушност, биле предигра за сето она што потоа следувало во собите на тие ноќни локали или надвор од нив. Еден од најпознатите бордели во таа улица на проститутките бил со романтично име "Венеција". Нишањето на гондолата симболично го означувало еротскиот и сексуалниот копнеж, и таа поетска кованица често била употребувана. Поранешното име на овој ноќен локал бил "Каиро", а потоа бил преименуван во "Венеција". Гостите лудувале по двете танчарки што настапувале секоја вечер, а со кои започнувало нишањето на гондолите. Нивните имиња биле Стела и Роза, а се разбира, нивниот изглед бил многу побитен од имињата. Посебно привлекувал сексапилниот танц кој го изведувале. Биле облечени во зелена, проѕирна свила, под која се оцртувале сите детали на нивните раскошни тела. Страсно и занесно се извиткувале во играта, заведувајќи ги присутните гости.

Навечер, веднаш по 19 часот, Скопје знаело да замириса на велеградска кал. Во тие часови, ноќните работнички и работници започнувале да излегуваат, и градот наликувал на Шангај, Бомбај или на Буенос Аирес. И како во некој возбудлив и живописен роман, неколку стотини жени во тие мигови започнуваат да ги облекуваат своите најубави здолништа. Морало с да биде подготвено за ноќната забава и за клиентите. Како се подготвувале дамите на ноќта во тие мигови? Постои дури и таков запис.

Најпрвин, со кармин и со пудра ги мачкале нивните восочни лица, а во уста си прскале колонска вода. Карминот, пудрата, колонската вода ги правеле заводливи. Понекогаш, дури и евтината пудра и механичката насмевка успевале да го привлечат вниманието на муштериите што првпат доаѓале или биле нивни редовни гости.

Еротската фантазија ја зголемуваат описите на сцените за тоа што се случувало во собите на борделите, а постојат и такви прозни записи. Тие се најчесто иронично-хумористички интонирани, и на лесен и забавен начин ја сликаат таа атмосфера: "Тогаш во Скопје, близу до Станицата постоеше една улица целосно посветена на најстариот занает на светот.