Коце Трајановски: Во 2016 година посветено ќе работиме за урбано и модерно Скопје

Позади нас оставаме една искучително важна и активна година за главниот град која која ја одбележаа капитални проекти реализирани во сите десет скопски општини и во сите сфери на општественото живеење. За ова, но и за проблемите со загадувањето, за прашањето со сечењето на дрвата, за проектите во 2016 година и за многу други теми говориме во традиционалното годишно интервју кое Скопје Инфо го прави со Коце Трајановски, градоначалник на Скопје.

Скопје Инфо: Имавте долга година со голем број на реализирани проекти, кои ќе ги издвоите како најзначајни за Градот Скопје во 2015 година?

Градот Скопје завршува уште една успешна година која ја одбележаа капитални проекти реализирани во сите десет скопски општини и во сите сфери на општественото живеење. Морам да нагласам дека ми претставува задоволство што Градот Скопје е финансиски стабилен и може без застој да ги реализира планираните проекти. Сепак, би издвоил неколку проекти на коишто сум особено горд: по должината на булеварите, во парковите и во дворовите на сите средни училишта на Град Скопје засадивме 9.500 садници; со зеленило го уредивме вториот дел од паркот „Македонија“, по должината на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, како и Паркот на природата „Гази Баба“; ги отстранивме штетните азбестни покриви на сите средни училишта на Град Скопје, што претходно беа покриени со азбестни плочи; ги гасифициравме средните училишта „Зеф Љуш Марку“ и „Арсени Јовков“ и ја изградивме модерната катна гаража „Тодор Александров“, во центарот на градот. За подобрување на сообраќајните врски во градот и за растоварување на метежот, пак, го изградивме најголемиот кружен тек во Скопје, на крстосницата меѓу булеварот Партизански одреди и улиците Ѓорче Петров и Ацо Шопов, кај Порта Влае; го проширивме третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов и улицата Јордан Мијалков; го обновивме коловозот на дел од булеварот Јане Сандански и на улицата Кемал Сејфула, а за да се зголеми безбедноста на пешаците изградивме пешачки натпатник кој ги поврза населбите Хиподром и Инџиково. Сакам дека нагласам дека во годинава што изминува многу работевме на промоција на електромобилноста, па Скопје стана прва локална самоуправа во Република Македонија којашто набави електроскутери и електровелосипеди за потребите на администрацијата.

Во 2015 година вложувавме и во подигнувањето на јавната хигиена, социјалната заштита и во развојот на средноучилишниот спорт, а организиравме и многубројни спортски и културни манифестации.

Скопје Инфо: “Скопје велоград 2017” е името на капиталниот проект според кој ќе се унапреди велосипедската инфраструктура, како се одвива проектот и колку патеки досега се направени? 

Во 2015 година Градот Скопје го претстави и интензивно работеше на реализацијата на капиталниот проект за унапредување на велосипедската инфраструктура во Скопје и за зголемување на безбедноста во велосипедскиот сообраќај - СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017. Со овој проект ќе го олесниме движењето на велосипедистите, ќе им овозможиме на сите што користат велосипед без препреки и безбедно да стигнат до саканата дестинација и ќе формираме ефикасна мрежа на велосипедски патеки коишто ќе бидат поврзани. По должината на градските улици и булевари до 2017 година ќе се оформат четири главни велосипедски рути и 7 конектори, и тоа: РУТА 1 -  Гази Баба-Центар-Карпош; РУТА 2  - Аеродром-Центар-Карпош-Ѓорче Петров; РУТА 3 - Кисела Вода - Центар - Карпош; РУТА 4 - Бутел-Чаир-Центар. До 2017 година ќе се изградат и реконструираат вкупно 51 километар велосипедски патеки во Скопје.

Како дел од рутата 1 од овој комплексен проект изградивме и реконструиравме над 8.000 метри велосипедски патеки. Градежните работи на рутата 1 се пред самиот крај, како што и испланиравме, со што на велосипедистите им овозможуваме непречено да се движат од Гази Баба, преку центарот на градот, до Карпош. Досега се изградени следните делници од рутата 1: на булеварот Александар Македонски, од клучката кај хотелот  „Континентал“, до клучката Естекада, од двете страни; на улицата Беласица, од булеварот Гоце Делчев до клучката кај хотелот  „Континентал“, од двете страни; на булеварот Гоце Делчев, од булеварот Крсте Мисирков до улицата Беласица, од двете страни; на булеварот Крсте Мисирков, од Адвокатската улица до Кеј „Димитар Влахов“; на булеварот Крсте Мисирков, од булеварот Гоце Делчев до Бит-пазар; на булеварот Кузман Јосифовски Питу, од Железничката станица до булеварот Кочо Рацин, од двете страни; на булеварот Илинден, на потегот од крстосницата со булеварот Свети Климент Охридски до фонтаната „Лотосов цвет“ и на улицата Ѓорче Петров, од булеварот Македонска војска до мостот за Сарај.

Скопје Инфо: Градот Скопје континуирано организира акции за засадување на нови дрвја на јавните површини, колку сандици беа засадени годинава?

На јавните зелени површини во годинава што изминува засадивме повеќе од 9.500 садници и околу милион сезонски цвеќиња. Со нашите акции за садење дрвја го збогативме зеленилото по должината на градските улици, парковите, блоковското зеленило и во дворовите на сите средни училишта што се во надлежност на Град Скопје, а во две акции – пролетна и есенска, садници доделивме и на заинтересираните урбани и месни заедници и куќни совети.

Сакам да нагласам дека Градот Скопје редовно организира акции за засадување нови дрвја на јавните површини, подигаме нови зелени површини и уредуваме нови катчиња за одмор и рекреација во природа. Како особено значајни проекти за уредување на зеленилото што ги завршивме во 2015 година сакам да ги издвојам новиот парк покрај булеварот Февруарски поход, во Аеродром, што деновиве интензивно се уредува, а е со површина од 82.000 квадратни метри и ќе биде поголем од првиот дел на Градскиот парк. Ќе го посочам и уредувањето на вториот дел од паркот „Македонија“, по должината на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов кој располага со зелена површина од околу 32.000 квадрати.

За посветеноста на Градот Скопје за уредување на зеленилото, говори фактот што нашите екипи од 2009 година до сега на јавните зелени површини, во дрворедите, во парковите и во блоковското зеленило засадија околу 70.000 нови садници, листопадни и зимзелени. Градот Скопје ќе продолжи со акциите за засадување нови дрвја. Тоа е еден од нашите најголеми приоритети.

Скопје Инфо: Беше пуштен во употреба натпатникот за жителите на Хиподром и Инџиково, ќе бидат ли изградени уште вакви мостови во новата година со цел зголемување на безбедноста на пешаците?

Токму така. Оваа есен пешачки натпатник преку автопатот Скопје – Петровец ги поврза населбите Хиподром и Инџиково, во општината Гази Баба. Градот Скопје изгради челичен натпатник со бетонски столбови, челични скали и челични рампи, кој овозможува безбеден премин на пешаци, пешаци со велосипеди и лица со посебни потреби.

Натпатникот е долг 63 метри, а широк 5,4 метри. Површината за движење е широка 3,1 метар. По должината на натпатникот е поставена ограда висока 2 метра, изработена од челични профили и челична мрежа, како и конзоли за инсталации. Новиот натпатник што ги поврза населбите Хиподром и Инџиково го осветлуваат 12 канделабри, а осветлени се и рампите. За изградба на овој натпатник Градот Скопје вложи околу 38 милиони денари.

Целта на изградбата на овој натпатник беше да се зголеми безбедноста на пешаците од населените места Хиподром и Инџиково кога имаат потреба да го поминат автопатот кон Петровец и да се реши овој долгогодишен проблем на граѓаните. Градот Скопје ја следи состојбата на терен и доколку на некоја локација се јави ваков сообраќаен проблем ќе бараме најповолни решенија.

Скопје Инфо: Последните години Скопје се соочува со зголемување на загаденоста во воздухот, која е главната причина за ваквата состојба и што превезема Градот за подобрување на квалитетот на воздухот?

Морам да нагласам дека загадувањето на животната средина е многу комплексно прашање и бара комплексен пристап. Градот Скопје презема бројни активности и мерки за намалување на загадувањето на воздухот, во рамките на своите надлежности.

Како една од мерките за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух,  преку ЈП „Комунална хигиена“ почнавме да ги прскаме градските сообраќајници со средството калциум магнезиум ацетат,. Со овој процес се опфатени неколку градски сообраќајници - булеварот Свети Климент Охридски и улиците Свети Кирил и Методиј и Јордан Мијалков, во центарот на градот, како и булеварите Трета македонска бригада и Србија, во Аеродром.

Станува збор за средство кое се користи за контрола и намалување на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) и за стабилизација на патиштата. Средството е еколошки производ, биоразградлив, не е штетен за растенијата (погоден е за апликација во близина на паркови и зелени површини), а најважно е што не е корозивен (нема да предизвика оштетување на возилата). Производот е лесен за апликација и целосно е стабилен, што значи може да се чува за подолг период. При неговото аплицирање како резултат на неговиот состав може да се почувствува слаб мирис на оцет, кој исто така не е опасен по здравјето на луѓето. Брзината на сообраќајниците каде што се аплицира средството калциум магнезиум ацетат е ограничена на 40 километри/час, заради можна појава на лизгавост на коловозот. На улиците е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.

Првичните резултати од мерењата на концентрацијата на ПМ честичките покажаа намалување за 10 до 20 проценти, како што беше и очекувано.

Сакам да ги објаснам и другите чекори што Градот Скопје ги презема за намалување на загадувањето на воздухот, а се дел од неговата надлежност:

-       Коловозите околу градилиштата редовно се мијат за да се отстрани прашината, 

-   Се вршат засилени контроли и вонреден инспекциски надзор на емисиите на штетни гасови од инсталациите од Б-категорија, за кои е надлежен Градот Скопје, при што е утврдено дека нема пречекорување на дозволените вредности,

 -  Се вршат засилени контроли и вонреден инспекциски надзор и на градилиштата, во согласност со Законот за јавна чистота, при што во 2015 година се изречени 84 прекршочни пријави против правни и физички лица,

-     На сила е посебен сообраќаен режим за тешките товарни возила чија крајна дестинација не е градот Скопје. Ним им се препорачува да ја користат скопската обиколница.

-     Течат активностите за издавање Б – интегрирани еколошки дозволи и одобрување Елаборати за заштита на животната средина,

-     Се контролираат системите за затоплување на административните и јавните установи,

-     Градот набави и стави во функција електровелосипеди и електроскутери  како превозно средство за градската администрација, а пред крај е постапката за набавка на еден електромобил за потребите на администрацијата.

-     Градот Скопје подготви брошура за квалитетот на огревното дрво што се користи за затоплување на домаќинствата, која е поделена на скопските општини, а тие, во соработка со месните и урбаните заедници ја делат брошурата на граѓаните,

-       Градот Скопје поднесе и иницијатива до Владата на Република Македонија да се намали ДДВ-то од 18 на 5 отсто за набавка на пелети и печка на пелети.

Градот Скопје е во постојана комуникација со Министерството за животна средина и другите надлежни институции што треба да се вклучат во решавањето на овој комплексен проблем. Градот Скопје е и постојан член на Комитетот за здравје и животна средина при Владата на Република Македонија.

Скопје Инфо: Кои проекти ќе ги реализира Градската власт во 2016 година?

Градот Скопје и во 2016 година ќе работи на големи инфраструктурни проекти, во сите десет скопски општини. Дел од овие проекти се веќе почнати, а својата завршница ќе ја имаат токму во 2016 година. Меѓу нив ќе ги издвојам:

-       во Општина Сарај ќе ја реконструираме главната улица Сарај и улици во Глумово;

-       во Општина Ѓорче Петров ќе го прошириме булеварот Партизански одреди до кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле” и ќе го продолжиме проектот за пробивање на тесните грла на улицата Борис Сарафов;

-       во Општина Карпош ќе градиме кружен тек кај Хубо Маркет, на булеварот 8 Септември и фекална канализација на улицата Московска;

-       во Општина Центар ќе прошириме дел од улицата Тодор Александров и ќе ја реконструираме улицата Димитар Влахов, како дел од плоштадот пред црквата „Пресвета Богородица“;

-       во Општина Кисела Вода ќе работиме на третата фаза од проектот за проширување и реконструкција на булеварот Борис Трајковски, на потегот од фабриката „Стакларница“ кон населбата Драчево, на продолжување на булеварот Србија до улицата Христо Татарчев, каде што ќе се изгради голема кружна крстосница и на проширување на улицата Павел Шатев;

-       во Општина Аеродром ќе ја довршиме втората фаза од проектот за проширување на булеварот Трета македонска бригада, на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев, ќе го градиме булеварот АСНОМ во делот на Ќерамидница до новата сала „Јане Сандански“ и делот од булевар АСНОМ од последна 5-ка кон куќите во Лисиче - прва фаза;

-       во Општина Гази Баба ќе ја завршиме првата фаза од проектот за проширување и реконструкција на улица Маџари,  ќе го доградиме кружниот тек меѓу улиците 16.Македонска бригада и Коце Металец кај населбата Железара, а ќе работиме и на проширување на булевар Александар Македонски од „Агросервис“ до клучката Дијамант;

-       во Општина Чаир ќе работиме на реконструкција и проширување на булеварот Христијан Тодоровски Карпош во делот на Чаир, како и на изградба на 4-та лента на булеварот Никола Карев;

-       во Општина Бутел ќе го пробиеме булеварот Христијан Тодоровски Карпош кон обиколницата и ќе ја доградиме новата атмосферска канализација на улиците Александар Урдаревски и Боца Иванова;

-       а во Општина Шуто Оризари ќе го доградиме новиот водовод.

Овие капитални проекти се од исклучително значење за скопјани. Затоа, Градот Скопје и во 2016 година посветено ќе работи за урбано и модерно Скопје коешто ќе биде вистински сервис на граѓаните.