Интервју со Јане Мицевски, директор на ЦРСПР: Нашата цел е јакнење на капацитетите на локалната и руралната заедница, бизнис секторот, јакнење на ЈПП и подигнување на квалитетот на живеење, на граѓаните

Разговаравме со директорот на Центарот за развој на Скопски плански регион, Јане Мицевски каде опфативме поеќе теми. Ја начнавме темата на улогата на ова тело во развојот на Скопскиот регион. Говоревме и за позитивните и негативните страни во развојот на овој регион и како неговиот развој се одразува врз животот на граѓаните. Го прашавме директорот Мицевски околу соработката со градоначалниците во Скопје но и на новите проекти на кои работи ЦРСПР, секако неизбежно прашање беше и туризмот, гранка на која треба постојано да се работи.

Од неодамна сте на позиција, директор на Скопскиот плански регион – кажете ни накратко, каква е улогата на ова тело во делот на развојот на општините?

Како скорешен директор на Центарот за развој на Скопски плански регион, ја наследив неговата мултифункционална улога која повлекува многу предизвици во однос на регионалниот развој кој мора да биде синхронизиран  со националните и  локалните развојни стратегии бидејќи е клучен линк, меѓу централната и локалната власт. Превенствено за јавноста да добие поблиска претстава за работата и важноста на центарот треба да се запознае со карактеристиките на Скопскиот регион чија  површина е 7% од територијата на Македонија, со опфат на 17 општини и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа, односно го сочинуваат 10 урбани општини кои се дел од градот Скопје. Тоа значи дека седум од општините се рурални, но со индустриски зони, и обратно некои од урбаните содржат земјоделско земјиште, пасишта и сл.. Со еден збор, најмал по територија но најкомплексен плански регион во Република Македонија. Согласно законот за рамномерен регионален развој, изгласан во Мај 2009 година, Скопскиот плански регион е определен како најразвиен, но тоа би рекол дека е деликатна определба, заради неговата комплексност бидејќи за разлика од останатите 7 плански региони содржи главен град кој е пренаселен и постојано расне и се шири, во висина и ширина што подразбира и еквивалентен равој на потребите кои нашиот центар заедно со општините ги приоретизира. Неговата примарна задача е да стимулира баланс односно да ги намалува диспаритетите меѓу различно развиените општини. За таа примарна цел, имаме претгодишна транспарентна развојна програма, која се донесува на секои 5 години која ги опфаќа стратегијата, среднорочните цели, мерките и активностите. И тој стратешки документ е нашата основа за креирање, учество и имплементација на развојните политики, заедно со општините и надлежните институции, министерства, владата, односно центарот се интегрира со својата работа меѓу сите релевантни чинители чија надлежност е развојот. Нашата основна задача како центар е јакнење на капацитетот на мрежите во локалната и руралната заедница, бизнис секторот, стимулирање на развојот на локално и регионално ниво, јакнење на принципот на jавно приватно партнерство и делување во насока на подигање на квалитетот на живеење, на граѓаните.

Каква е спецификата, структурата и нивото на развој на Скопскиот плански регион? Кои се неговите позитивни и негативни страни?

Скопскиот плански регион, има диверзитет од потенцијали и капацитети, во смисла на природни и културнои наследства, како и геолошки, агрономски, инфраструктурни и др. специфики, кои се предмет на плански развој, добар менаџмент, соодветна промоција и пред се континуитрана одржливост во туризмот, агрономијата, земјоделието, производството, домашните и странските инвестиции, човечкиот капитал... Од најзначајните регионални индустрии би ги издвоил прехранбената индустрија, текстилната, печатарската, металопреработувачката, градежништвото, угостителството, трговијата, транспортот и деловните услуги. Во Скоскиот плански регин се концентрирани креативните индустрии и ИТ секторот кои се во подем. Условите за развој на земјоделството во Скопскиот плански регион се прилично лимитирани заради високото ниво на урбанизација на регионот и големата фрагментираност на земјоделските посеви што не оди во прилог на развивање на интензивно земјоделско производство. Но тука е ЦРСПР кој работи во насока на намалување на диспаритетите и постигнување на балансиран развој. 

Во насока на сочувување на животната средина ЦРСПР во соработка со општините, УНДП и другите програми кои ја опфаќаат оваа компонента ги следи трендовите на енергетската ефикасност со проекти за поставување на фотоволтаици на дел од училиштата и градинките, имаме проект за компостара, потоа за набавка на воила за отпад и канти за смет, набавивме противпожарно возило за потребите на општина Зелениково и слично.

Оттука, јасно се гледа дека дел од регионалните проекти имаат и поголема национална и интернационална важност, бидејќи СПР како регион, е „порта“ во државата, што подразбира и поголема видливост, вклученост и буџетирање на ЦРСПР за поефективно да придонесе во развојните планови. Патната мрежа во Скопскиот плански регион ја сочинуваат: магистралните, регионалните и локалните патишта во кои дел од врските, подобрувањата, реконструкциите, се задача на центарот. Во делот на инфраструктурата секако неизоставна и елементарно важна е железницата која е предмет на реформи, ревитализација и реактуализација на нејзината функција, за која дефинитивно се потребни планови за одржливост. Генерално ги следиме просторните и урбанистички планови, за кои потребен е сеопфатен – компрехенсивен развој.

Каква е соработката со општините и со градоначалниците? Дали постојат политички и административни пречки во соработката?

Центарот за развој има консултативна и сервисна улога во поглед на изборот и годишната реализација на приороитетните проекти кои  произлегуваат како предлог на општините, а се бираат со алатките за транспарентност како што се годинешните форуми на заедницата –како демократски избор и приоретзација на најпотребните проекти.

Координативно тело на Центарот за развој е советот за развој на Скопски плански регион, чии членови се градоначалниците на општините во состав на регионот и Градот Скопје како посебна единица на локална самоуправа, кој вклучува и по еден претставник од здруженијата и бизнис заедницата. Тоа значи дека ние сме во постојана комуникација со одделенијата за локален економски развој и градоначалниците, која генерално е добра со исклучок на Градот Скопје, за што причина е отсуството на комуникација, а тоа ја опструира соработката во проектите за кои е надлежен градот, иако ќе напомнем дека со поголемиот дел од општините и градоначалниците кои се дел од  урбаните општини имаме одлична соработка и поддршка. Во овој дел би рекол дека штета е што отсуството на слух за можностите кои ценарот ги има за заеднички проекти со градот, кој е и негов основач, што повлекува и одговорност во поглед на административните должности и секако добрата соработка во развојните проекти кои засега се во состојба на неизвесност, од која апелираме дека во интерес на граѓаните и функционирањето на центарот е да се надмине, а во таа насока отворени сме со многу иницијативи. Чисто за да добиете претстава за нашата работа, ќе издвојам дека Центарот за развој во тековните активности, освен што изготвува програма за развој на планскиот  регион и предлог-акционен план за нејзина имплементација, аплицира и реализира предлог-проекти како за планскиот регион, така и за подрачјата со специфични развојни потреби, ги координира активностите и има афирмативна, информативна, советодавна улога, обезбедувајќи стручна и техничка помош за општините како и стручни услуги на здруженијата на граѓани и другите заинтересирани страни за подготовка на проекти од областа на регионалниот развој.  Центатарот поттикнува меѓу-општинската соработка, спроведува стимулативни развојни проекти финансирани од фондовите на Европската унија и други меѓународни извори, врши промоција на развојните можности на регион, со еден збор тој е  алка во  институционалниот „еко систем“ за планскиот регионален развој.

На кои проекти во моментов работи Скопскиот плански регион?

Моментално ЦРСПР работи на проекти кои произлегуваат од неговите приоритетни области во насока на подобрување на  атрактивноста и конкурентноста на регионот преку развој на мали и средни претпријатија, носечките индустрии и развој на модерна инфраструктура, развојот на  човечкиот капитал кој одговара на потребите на пазарот на труд, подобрување на квалитетот на животната средина и одржливо користење на природното и културното наследство, во функција на туризмот. Тука се реализираните проекти како, набавката на противпожарно возило за општина Петровец, изградбата на Дневен Центар за лица со интелектуална и телесна попреченост, како и Културен Дом за општината Сопиште, отворењето на Центар за работа на талентирани ученици, реконструкција на регионален пат Маџари- Хиподром –Илинден кои ги завршивме скоро, а меѓу актиелните се,  техничка документација и физибилити студија за изградба на центар за собирање на отпад и Компостара, во соработка со УНДП, инвестиција во фотоволтаици и енергетска ефикасност, поддршка на циркуларна економија во Скопски плански регион преработка на отпад иновации и зголемено рециклирање низ клучни текови на отпад, инвестиција во возила за отпад и канти за смет, изработка на техничка документација за Качанички пат – индустриска зона, рехабилитација на ул. Александар Урдаревски- 2 фаза, Изградба на нова детска градинка во населено место Петровец  со сонзорна соба, особено сме горди на проектот „Приказната продолжува“ во с. Кучково, центар за рехабилитација на деца кои ја победиле борбата со канцер и преку овој проект се враќаат рамноправно во општествениот, образовниот систем и секако во својата генерација. Актуелен е и проектот за прекугранична соработка со соседна Србија Oportunity4You или Шанса за тебе“ во рамки на ИПА 2 програмата, за кој бевме домаќини на голема вмрежувачка регионална Конференција која имаше одличен импакт во рамки на главната цел, вработливост и мобилност во пограничниот регион. Нова и ексклузивна вест е дека добивме партнерски проект во рамки на програмата ИНТЕРЕГ Адрион, за кој дополнително ќе ја информираме јавноста.

Во која насока треба во иднина да се одвива развојот на овој регион, на што треба да се посвети внимание?

Во иднина развојот на овој регион треба да се трасира во насока на што поголема соработка со приватниот сектор и локалните заедници што ја подразбира таа компрехенсивност, односно сеопфатност која ги вклучува дигиталната трансформација, инфраструктурата, социјалата, особено да се вложува во искористување на природните и културно-историските капацитети со мобилизација на кадровите сили во сите сегменти, особено во делот на јакнењето на човечките ресурси и едукацијата на младите, на руралната жена, на занаетчиството, новите креативни индустрии, и сите останати кои се потребни како стручна сила на пазарот во трудот, а се во одлив заради можностите кои ги нуди ЕУ и светот. Особено овој регион како што напомнав е комплексен, бара зголемување на буџетот за да се учествува повидливо и поконструктивно во капиталните проекти, мастер плановите и сл. бидејќи самиот интегритет на името на институцијата која го носи Центар за развој на Скопски плански регион ветува подразбира и ветува надлежности во кои граѓаните изразуваат доверба. Би заклучил дека Центарот се бори со својата видливост, бидејќи е прозван да учествува во сите развојни сегменти, а потврда се низата сработени проекти кои се плод на неговата посветена и тимска работа. 

Туристите се заинтересирани за Скопје и околината, какви се вашите активности во оваа насока и какви ефекти даваат тие за промоција на туризмот?

Ќе се навратам на првото прашање околку капацитетите и спецификите на Скопскиот плански регион кој ќе прецизирам дека има земјоделска површина, пасишта, шуми, руди, термални и термо-минерални води во Катланово, кои даваат можност за развој на бањскиот туризам. Главен воден ресурс е реката Вардар, со притоките Треска, Лепенец, Пчиња, Маркова и Кадина Река. Имаме две акумулации Матка 1 и 2 и Козјак. Покрај хидроенергетскиот потенцијал, Треска и Кадина река со своите амбиентални убавини нудат извонредни услови за рекреација и развој на туристичко-угостителски содржини. Од природното и културното наследство тука се археолошкиот локалитет Скупи, археолошкиот локалитет Градиште во село Таор, каде што е роден  Светиот цар Јустинијан I, за кој имаме нов проект за афирмација и ревитализација на локалитетот, во партнерство со општината Зелениково, тука е и, археолошкиот локалитет во с. Бадар во Општина Петровец, за која ќе напомнам дека е во идустриски подем, а од која потекнува и императорот Јустин I, што значи интернационална дестинација врз корените на една царска лоза, потоа тука се како потенцијали тврдината Кале, аквадуктот, старата Скопска чаршија, бројни цркви и манастири особено во општините Сарај и Чучер Сандево, планината Скопска Црна Гора, како и неколку природни резервати и споменици на природата, од кои најголем туристички потенцијал имаат Матка, вештачкото езеро Треска кое исто е предмет на ревитализација. Тука е и Милениумскиот Крст Водно, за кој имаме предизвик како туристички капацитет да го избалансираме со општината Сопиште, бидејќи подеднаково атрактивна е и другата страна која е маргинализирана, а го има археолошкиот локалитет „Церје“, каде се пронајдени една од Големите мајки и торзото на првиот човек - Адамот од Говрлево, од периодот на неолитот кој исто така може да прерасне во атракција како реконструираното неолитско село „Тумба Маџари“. Потоа тука се предизвик за реставразица, заштита и конзерваторски третман и секако во нашиот дел на облагородување и пристапност на културните наследства како Аквадуктот, Хавзи пашините конаци, и уште многу други запоставени капацитети во делот на регистарот на културното наследство, врз кои треба да ја градиме иднината на регионот и во никој случај несмееме да ги оставиме на забот на времето.  Во насока на развој на туризмот би сумирал дека имаме огромен потенцијал и ресурси кои се третираат со развојни проекти со обезбедување на пристапност, патеки, туристичка сигнализација, урбана опрема, илуминација и промоција.