„Ќе поскапат месните производи и ќе се затворат фабриките“, велат од месната индустрија

Доколку државата не ги исполни барањата на компаниите од месната индустрија и не донесе мерка за ослободување од царина на суровината, ќе поскапат месните преработки.

Тоа ќе значи дека ќе има зголемување и на цената на свежото свинско месо затоа што поради африканската чума е намалена понудата.

Компаниите од месната индустрија биле ставени во нерамномерна положба во однос на увозните компании кои се ослободени од царина, додека домашните плаќаат од 25 до 35 отсто за царина. Има и такви фирми кои размислуваат да ги затворат фабриките и да го преселат бизнисот во соседството.

- Освен Србија која плаќа царина од 8 отсто, другите држави во соседството суровината ја увезуваат со 0 отсто царина. Затоа нивните производи се поевтини и поконкурентни од домашните. Со Отворен Балкан проблемот се продлабочи. Се обидовме да се направи измена во царинската регулатива и суровината за преработки да се ослободи од царина, но и таа мерка во последен момент беше повлечена, вели Варско Ристевски од Дирекцијата на здруженија и регионални комори при Стопанска комора на Македонија.