Ќе има ли регулација на функционерските плати - СДСМ поднеле предлози за законски измени

Пратеникот од СДСМ Мартин Костовски денеска на прес-конференција соопшти дека пратеничката група на СДСМ поднела измена на сите закони со кои се регулираат платите на сите избрани и именувани функционери.

- Со измените на законите постоечките коефициенти на плати се намалуваат со што платите на сите избрани и именувани функционери нема да пораснат. Пратениците на СДСМ поднесоа измени на 6 закони: Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица, Законот за пратениците, Законот за платите на членовите на Советот на јавни обвинител, Закон за платите на судиите, Закон за платите на јавните обвинители и Закон за платите на членовите на судскиот совет. Сите по скаратена постапка, рече тој. 

- Бидејќи Уставниот суд ја укина фиксната основица ова е единственото уставно решение. Пратеници, министри, директори, градоначалници, судии, обвинители, сите избрани и именувани лица или околу 1.060 лица се опфатени со овие законски измени. Очекуваме поддршка од сите пратеници во македонското Собрание. Сите да покажеме солидарност и да ги поддржиме овие законски измени, а парите наместо за поголеми плати на функционерите да завршат кај граѓаните, порача Костовски додавајќи дека со СДСМ во изминатите години растат платите и пензиите.

 -Пповеќе пари завршуваат кај граѓаните. Просечната плата достигна историски највисоко ниво од 40.000 денари и ние така ќе продолжиме, вели Костовски.