Ќе биде во склоп на Зоолошката, а еве што ќе понуди новата Ботаничка градина во Скопје

Градоначалничката Данела Арсовска денеска изврши увид во уредувањето на новата Ботаничка градина каде што интензивно работат екипите на скопските ЈП „Улици и патишта“ и ЈП „Паркови и зеленило“.

Новата Ботаничка градина се уредува во рамки на Зоолошката градина и се простира на 12.600 квадратни метри, каде ќе бидат засадени повеќе од 4.600 уникатни дрвја и садници, ќе се постави нова урбана опрема, видиковци и бројни други содржини за посетителите.

- Ботаничката градина ќе биде ново зелено катче за одмор и рекреација на посетителите, но и за прикази на ретки или необични растенија, едукативни часови од ботаничари, хортикултуристи и градинари, како и настани за најмладите генерации. Овој претходно празен и неуреден простор ќе биде природен спој меѓу Зоолошката градина и Градскиот парк, а нејзиното уредување ја збогатува нашата понуда во рамки на кандидатурата на Скопје Европска престолнина на културата 2028, истакна денеска градоначалничката Арсовска. 

Уредувањето на градината се одвива етапно во фази, екипите на ЈП „Улици и патишта“ работат на изградба на пешачките патеки, додека екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ поставуваат хидрантска мрежа и систем за наводнување пред целосно зазеленување на просторот.

Во градината ќе се засадат автохтони видови растенија кои се природно распространети во Македонија, но ќе има и алохтони видови - растенија донесени однадвор. Ќе се засадат и ендемични растенија кои што се специфични само за Македонија.

- Уредувањето на Ботаничката градина е дел од низата проекти од програмата „За Модерно Скопје“ за подигнување на нови зелени површини во градот, кои се реализираат со цел зачувување и унапредување на животната средина, затоа што Скопје и неговите граѓани заслужуваат модерни и еколошки содржини кои ќе придонесуваат за унапредување на животната средина, порачаа од Град Скопје.