Македонците во потрага по подобри услови за живот и егзистенција  мигрираат во рамките на државата, но и надвор од неа.

Во текот на 2016 година 8 887 граѓани мигрирале на територијата на Македонија.

Според податоците на Државниот завод за статистика, меѓуопштински мигрирале 6 869 луѓе, а 2 018 луѓе мигрирале во рамките на иста општина. 

Од Скопје се отселени вкупно 1 704 граѓани, при што 1 591 се отселени од друга општина, 84 се отселени од друго место во истата општина, и 29 се граѓани отселени во други држави од Република Македонија.

92 охриѓани заминале во друга земја, 114 од Тетово се иселиле, 70 од Јегуновце, 15 од Боговиње, 19 од Делчево, 29 од Скопје, 12 од Дебарца, 6 од Крива Паланка, 5 од Македонска Каменица, 44 од Теарце, 8 од Гостивар, 13 од Желино, по 1 од Петровец и Ранковце.

Оваа појава може да доведе до испразнување на селата во Македонија во иднина, некаде повеќе, а некаде помалку.

„Од нашето село нема иселување, туку има доселување на луѓе од Кочани и Скопје кои тука имаат викендици. Селото има 20-30 жители кои се постари, млади многу нема. Но, соседното село Нивичани скоро и да нема млади затоа што заминуваат заради работа во Словенија, Италија, Германија“ – вели Дарко Георгиев, претседател на месна заедница во селото Пантелеј, Кочанско.

Тони Милчевски од Делчевското село Ѕвегор вели дека последните 10 до 15 години кај нив има масовно иселување.

„Тоа е тренд веќе иселувањето 10 до 15 години заради сиромаштијата. Се селат луѓето во Швајцарија, Германија, кој каде ќе се снајде.  Заминуваат сезонски, а некои и трајно се иселуваат. По попис селото имаше 1000 жители, но сега се од 400 до 500 жители. Некои одат и во поголемите градови и Скопје заради работа, но тоа е помала бројка, повеќето се во странство“ – објаснува Милчевски, од месна заедница во Ѕвегор.

Митко  Камчев, претседател на месна заедница во селото Марина, Кавадаречко раскажува дека младите од селото во странство престојуваат неколку  месеци, а потоа се враќаат дома,  додека да најдат начин за трајно иселување.

„Некои одат сезонски, па пак се враќаат, а некои трајно остануваат во тие земји. Има и млади со високо образование и со средно кои бараат работа во странство. Во Кавадарци сосема малку се иселуваат. Ние имаме 20 до 30 луѓе кои се возачи на камиони во Шведска“ – рече Камчев.

Тој додава дека во неговото село денес живеат 1200 жители.

Аце Ѓорѓиев од селото Дорфулија во Општина Лозово објаснува дека селото има околу 570 жители, но луѓето во потрага по подобри услови за живот се селат во Велес, Штип и Скопје.