ЈП „ Комунална хигиена ": Во скопската населба Ѓорче Петров граѓаните како да заборавиле на културата

Во скопската населба Ѓорче Петров граѓаните како да заборавиле на културата. Како едвај да чекаат да се испразнат контејнерите и како под команда веднаш го „ надокнадуваат" она што општинската комунална служба и ЈП „ Комунална хигиена " предходно го подигнала.

Во општината постојано се организираат акции за подигање на кабаст отпад, а општинските комуналци секојдневно имаат полни раце работа. Подигаат се и сешто.

-Од стар мебел, пластични кутии преполни со градежен шут оставени покрај контејнерите, расфрлано ѓубре, стара облека, електрични апарати, стари вц школки, верувале или не дури и кади, искршени лавабоа и да не набројуваме затоа што списокот би бил поприлично долг. А само на 50 метри има означен и заграден простор за одлагање на стари електрични апарати. Само, по се изгледа не им се носи толку „далеку" она што можат да го остават покрак контејнерите, велат од Ѓорче Петров.

Од општината потенцираат дека имаат полни раце работа, но и дека граѓаните отпадот го оставаат на секаде и се фрла се и сешто.

-Како е можно секој ден да има купишта смет, посебно околу контејнерите наспроти општината Ѓорче Петров?, остро реагираат надлежните од општината.

Ништо поинаква не е сликата ниту покрај контејнерите на други локации во општината.
Од општината велат дека двата камиона кои ги поседува општината по неколку пати во денот раскреваат различен смет.

-Се чини дека и по цел ден да работат ќе нема ефект. Некој „совесен" граѓанин веднаш ќе го „пополни" испразнетиот простор со нов смет. Неверојатна ситуација. Така ли ја чуваме околината каде што играат нашите деца? Така ли се грижиме за животната средина? Ни еден апел кој го упатува општината до граѓаните како да не допира до нив, бурно реагираат од општината.

Зошто и ние не би можеле да се однесуваме Европски? Во Европа за неколку капки моторно масло кое истекло од вашиот автомобил казните се над 500 евра, потенцираат надлежните од општината Ѓорче Петров.

Значи проблемот може да се реши и со казни, но идејата на општината не е да се удри по џебот на граѓаните, туку да се подигне свеста дека секој еден со своето однесување треба да придонесе за чиста животна средина.

Од таму апелираат да се почитуваат акциите за собирање на смет, а не само лесно да се критикува.

-Изгледа дека требаат најмалку сто камиони и сто работници кои би работеле 24 часа па така некако би ги задоволиле „потребите" на граѓаните, велат надлежните од општината.