Јордановска за родилката која почина: До кога ќе сметаме дека скршена нога е нормално, а скршена душа не

Доцна синоќа почина родилката, која пред десетина дена се фрли од први спрат од скопската Клиника за Гинекологија.

39-годишната жена скокнала од прозорецот по породувањето со своето прво дете, а по несреќата со тешки повреди беше хоспитализирана на КАРИЛ, каде повеќе од една недела се бореа за нејзиниот живот. 

Јавноста со низа реакции дека менталното здравје на секој еден човек е подеднакво, дури и поважно од телесното здравје, иако не доволно се зборува за оваа тема.

Новинарката Мери Јордановска со апел: 

- Јас ќе го повторувам и повторувам ова, сè додека не допре до главите на сите:

- Ако не го гледате физички, не значи дека „ништо не ѝ е!“. Затоа НИКОГАШ, ама НИКОГАШ, не велете НИШТО НЕ ТИ Ѝ Е, кога гледате дека човек внатрешно страда!

- До кога ќе сметаме дека скршена нога е нормално, а скршена душа не е, па нема потреба од помош?

- До кога депресијата ќе биде табу тема, во 21 век?!

- Ако не можете да помогнете, барем не одмагајте, со стереотипни изјави од типот „абе ајде, па знаеш ли колку луѓе се мачат да имаат дете“, “абе ајде, имаш сè, стан, кола, добра работа, ете и бебенце те чека“.

Луѓе, развијте ја свеста дека луѓето кои страдаат од депресија, денот, утрото, вечерта, иднината, не ја гледаат исто како вас. Вие гледате можност - тие не гледаат причина за да се разбудат. Вие мислите дека е лесно да се истуширате и да одите по намирници - за нив тоа е најтешката задача - да отворат очи и да се соочат со денот. Болест е болест, болка е болка! Рана на душа и рана на колено е иста, не мора да се гледа за да постои, не мора ни да ви ја образложуваат и да ви се објаснуваат, само бидете тука за нив, слушнете ги!, вели таа во својата фејсбук објава.