Почина родилката која скокна од прозорец на скопска Гинекологија

Вечерва во 21 часот почина родилката, која пред десетина дена се фрли од први спрат од скопската Клиника за Гинекологија, неофицијално дознава Скопје Инфо. Таа со тешки повреди беше хоспитализирана на КАРИЛ, каде повеќе од една недела се бореа за нејзиниот живот.

Триесет и деветгодишната родилка после падот имаше тешки повреди на вратната кичма, градниот кош и главата.

Триесет и деветгодишната родилка била донесена на ГАК во 36-та недела од бременоста. Била однесена во породилна сала и за 14 минути била породена со царски рез. Бебето е во добра состојба. Детето на родилката ѝ било прво и станувало збор за посакувана бременост.

Трагедијата иницираше инспекциски надзор од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Директорката на скопската Клиника за гинекологија, Викторија Јовановска тогаш во изјава за медиумите рече дека родилката која се обидела да си го одземе животот со тоа што скокна од прозорец на првиот кат на болницата е во многу тешка здравствена состојба.

„Пациентката е во многу критична состојба, ме информираа од КАРИЛ. Немала посериозни психолошки проблеми, иако не сакала да го дои бебето, што не се случува првпат. Табу тема е да доаѓа психијатар тука и да разговара со мајките.Лично мислам дека на сите нас ни треба психијатар, во современото живеење, како совет, не како терапија. Прво дете и е на 39-годишната жена“ рече пред десетина дена Јовановска.

Од тука се отвори и темата  за тоа дека на секоја родилка и е потребен психијатар, со кој би можела да разговара за периодот што следува, а е ново за неа и за бебето.