Јаневска: Преку јавна дебата ќе се менува концепцијата за основно образование, сегашната не дава резултати

Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека Концепцијата за основно образование ќе претрпи измени затоа што ниту наставниците, ниту учениците и родителите не се задоволни од имплементацијата и постигнатите ефекти,

„Планираме историја, географија, граѓанско образование и други предмети повторно да се изучуваат како одделни предмети, а не како во моментов да бидат фузирани и да се создава конфузија кај наставниците и учениците кои навистина секојдневно се прашуваат по кој предмет имаат час. Материјата мора јасно да биде разграничена, како што е пракса и во најголем дел од земјите во Европа и пошироко“, посочила Јаневска.

На средбата, со директорот на Бирото за развој на образованието, Абдулфета Фетаи  како што соопшти МОН, се дискутирало и за состојбата со учебниците, особено во основното образование каде недостигаат по голем дел од предметите. Јаневска истакнала дека се прават напори истите да се обезбедат за сите одделенија пред почетокот на новата учебна година, додека за средното образование тоа ќе се случува етапно во следните неколку години бидејќи ситуацијата е навистина катастрофална.

Министерката, како што е наведено во соопштението, посочила дека во овој преоден период од дигитализацијата на образованието, преку е-анкета ќе се слушне мислењето на наставниците за тоа дали во оваа фаза е потребно целосно укинување на хартиениот дневник или пак од корист би било пополнувањето на модифицирана верзија во која ќе се внесуваат само оценки и изостаноци.