„Изградбата на Порта Резиденс 1 доцни шест месеци и ќе заврши во октомври“: Компанијата објасни зошто семејствата не можат да се вселат во зградата

По поплаките кои пристигнаа до редакцијата на „Скопје Инфо“ од неколку семејства дека не можат да се вселат во своите станови кои ги купиле во зградата „Порта Резиденс 1“ во населба Аеродром, реагира и компанијата која објасни зошто доцни изградбата.

Од компанијата објаснуваат дека изведбата на зградата доцни повеќе од шест месеци, а како нов рок за завршување на градежните активности го посочуваат крајот на октомври.

Во продолжение следи реакцијата од „Порта Инженеринг“.

- Објектот „Порта Резиденс 1“ се пролонгираше со изведба поради одредени проблеми со подизведувачите на одредени градежни фази со кои инвеститорите имаа склучено договори за изведба. И покрај исплатените аванси и исплатените времени градежни ситуации, подизведувачите не ги исполнија договорените рокови поради немање на доволен број на работна сила, кое во денешно време стана главен проблем во градежништвото.

Затоа ние како инвеститори моравме врз правна основа да барамe раскинување на постоечките договори и потоа склучување на нови со нови подизведувачи за истите тие градежни фази. Сето тоа придонесе да објектот „Порта Резиденс 1“ касни во изведбата повеќе од 6 месеци.

Одложувањето на роковите за изведба освен што предизвикуваат штета на купувачите предизвикуваат штета и на инвеститорите на овој објект, поради што оваа ситуација не е добредојдена за никого. Мора да истакнеме дека на купувачите им беа предочени сите потребни информации за текот на градбата, а се со цел да имаат точна претстава за целата динамика на изведба на објектот.

Со дополнителни напори изведбата на објектот ќе биде завршена до крајот на октомври и за оваа ситуација беа запознаени и претставниците на купувачите на состанокот кој беше одржан во канцелариите на „Порта Инженеринг Груп“, во петокот 30.06.2023, пред да биде објавена статијата на „Скопје Инфо.мк“ на 01.07.2023. Секој купувач согласно заверениот преддоговор има право на надомест на штета за каснење на рокот на изведба.

Нормално, ова не е никаков изговор, поради што ги замолуваме сите купувачи на станови или деловен простор во објектот „Порта Резиденс 1“ да имаат трпение и разбирање за оваа ситуација, која со сигурност нема да се повтори во иднина, се вели во соопштението на компанијата.