Интервју со Лина Рангелова: Младите луѓе не гледаат перспектива, оти политиката е навлезена во секоја сфера од општеството

Младата Лина Рангелова, студентка во прва година на Правниот факултет „Јустинијан Први“ го освои второ место на традиционалната Ораторска вечер „Иво Пухан“ на Правниот факултет при УКИМ

За признанието, за успесите на оваа млада девојка, но и за младите во земјава и студентскиот стандард, но и многу поважни прашања во државата разговараме со Лина! 

Најпрвин честитки за наградата на Ораторската вечер „Иво Пухан” на Правниот факултет „Јустинијан Први”- Скопје. Имаше интересен говор, на уште поинтересна актуелна тема. Зошто ја одбра токму оваа тема „Зошто „не” за уставни измени”?

Благодарам. Многу често слушаме политички ставови за уставните измени. Но, од друга страна само неколкумина говорат за правните аргументи. Ја избрав темава затоа што како студент на Правниот факултет сакав да дадам свое видување и да ги истакнам правните аргументи „против” уставните измени, додека аргументите „за“ се само политички. Многу ми е драго што говорот наиде на позитивни реакции кај јавноста. Ова ми е поттик и доказ дека младите не треба да говорат само за младинските прашања, туку и за најважните теми во државата.

Во овој контекст, дали младите во земјава се доволно активни за важни прашања за земјава и/или колку се согласуваш со впечатокот дека на младите главна идеја им е да избегаат од земјава во потрага по подобра иднина? Апатични се, незаинтересирани...

Сметам дека младите во земјава не се доволно активни ниту за младинските, а камо ли за важните прашања за земјава. Можеби главна идеја на младите е да избегаат од земјава, како резултат на актуелните политики. Младите се очи в очи со неизвесноста и сиромаштијата, па затоа тие си ја бараат среќата далеку оттука. Апатија е голем проблем во општеството, младите предвреме донесуваат заклучок дека не би можеле да променат ништо, па затоа не се ни обидуваат. Јас не се согласувам со ова, напротив, мислам дека секој од нас може да придонесе кон посветло и подобро утре. Многупати слушаме дека ние сме иднината. Не, ние сме сегашноста во која лежи иднината и затоа треба сега да дејствуваме.

Што треба да се промени, според тебе, за младите да останат во земјава? Многумина велат дека не е пресуден само материјалниот момент, се согласуваш ли?

Апсолутно. Младите се разочарани од нефункционалниот систем во државата. Ние сакаме да живееме во држава компатибилна со европските, а не во држава со нула напредок. Исчезна поделбата на власта, корупцијата и криминалот се на секој чекор, непотизмот царува, имаме повеќе коцкарници од училишта, ненормалното стана нормално. Без владеење на правото не можеме да имаме квалитетно образование, развиена економија, ефикасно здравство и култура која ќе промовира вистински вредности. Младите луѓе не гледаат перспектива, оти политиката е навлезена во секоја сфера од општеството. За жал, нам младите денес ни е јасно дека сме подалеку од било кога од создавањето на пристојна, граѓанска, демократска држава во која знаењето е сила и моќ.

Сега си бруцош на Правниот факултет, студии по право. Претходно беше прогласена за ученичка на генерација во средното училиште во Крива Паланка. Иако поминаа само неколку месеци, како си задоволна од студиите на факултетот? Што недостига, со што може да се пофалиме?

Задоволство е да се студира право на најстариот правен факултет во земјава. Имаме можност да учиме од врвни познавачи на правото, да учествуваме во многубројни проекти, како и пристап до нови податоци од истражувања. Сметам дека треба да се зголеми функционалноста и достапноста на студентските служби, па дури и целосна дигитализација на административното работење.

Како го оценуваш студентскиот стандард во земјава?

Студентските години се најубавите, но за жал за факултетите имаат сè помала заинтересираност, а студентскиот стандард во Македонија е на многу ниско ниво. Почнувајќи од катастрофалните услови во кои се наоѓаат студентските домови, па се до понижувачкиот студентски оброк и ниските стипендии. Студентите треба да бидат најважната категорија граѓани во една држава, а не жртва на одредени политики. Се надевам дека ќе имаме субвенционирани автобуски билети и ваучери во текот на целото студирање, а не само во изборните години. Државата мора да го слушне студентскиот крик и да ги мотивира младите образованието да го продолжат овде.

Каде се гледаш во иднина?

Не би можела да го предвидам времето толку далеку во иднината. Сепак, сигурна сум дека тоа ќе биде во Република Македонија.