Интервју со Емануел Николоски, фитнес тренер: Истрајноста бара многу поддршка и позитивна енергија

Денешното утринско кафе го пиеме со Емануел Николоски, ко-основач и тренер во клубот Functional Planet и поранешен припадник на Специјална антитерористичка единица „Тигар“. 

Што се функционални тренинзи и кои се предностите од нив, споредено со останатите физички активности? 

Функционални тренинзи ги нарековме тренинзите на кои се фокусираме на динамичност на изведување на комплекс вежби,  со кои би изградиле екплозивна сила, издржливост на мускулите и кардиоваскуларна изржливост или таканаречено “кардио”. Разликата од другиот тип на тренинзи е тоа што во нашите програми се фокусираме на овие три работи, за разлика од активностите каде што многу луѓе избегнуваат друг тип на тренинг од тој што се навикнати - дали тоа би било кревање на тежина или правење вежби со мн репетиции итн.

Како изгледа твојот вообичаен ден? 

Денот во принцип на сите тренери во нашиот клуб ни почнува слично -  тоа е со држење на утрински термини или персонални тренинзи, зависи од денот во неделата и неделниот распоред кој го имаме направено. 

Имаме пауза попладне од тренинзи и тука го користиме времето да го направиме својот тренинг, најчесто е нешто кое што ни е предвидено за следната недела на тренинзи или тренинг кој следи по некоја програма која ја имаме направено. Потоа почнуваат тренинзите кои се попладне,  односно од 16:00 часот и сè тоа до 22:00, деновите во целост се исти во текот на неделата како и храната која ја консумираме.. 

За викенд пробуваме да одмориме или јас лично гледам да правам физичка активност која е надвор од сала и која психички би ме одморила од целата недела. Некогаш организираме и дружби надвор од сала, кои би нè збилижиле како клуб и би им дале перспектива на луѓето дека спортот не е само во сала. Како и тоа дека спортот е пред сè е дружба. Затоа и според мене групните тренинзи се многу забавни и луѓето што почнуваат со овој тип на тренинг, најчесто не се враќаат да вежбаат индивидуално. 

Кои се најчестите и најкреативните изговори со кои се среќавате? 

Хахахахаха… искрено не ми текнува на некој изговор.. Но јас сум човек којшто не сака да се лаже сам себе, така што и не сакам луѓето да бараат изговори за да не дојдат на тренинг. Баш напротив, доколку не ти е денот да тренираш не доаѓај, секогаш има нов ден и нова шанса.. Но, нели сепак да не се случува тоа толку често. Сите имаме денови кога не ни се прави тренинг, но тие се денови кога растеме како луѓе. Тешкото е тоа што го прави добриот тренинг и убавото чуството после тежок тренинг е тоа што нè тера да се вратиме пак и да се измачиме пак како луѓе. 

Вие сте едни од ретките кои во својата работа имате интегрирано и апликација.  Од каде идејата за тоа и што нуди таа за корисниците?

Идеја за апликацијата имавме уште од почетокот кога го отворивме клубот бидејќи не сакавме луѓето да се ограничени на еден термин а тоа е проблем кои го гледавме дека другите клубови го имаат. Моментално имаме пуштено и наша апликација во тест период и која од септември ќе биде пуштена да ја користат сите членови на нашиот клуб. Така што,  ќе може да земат и пример и идеја како би изгледала една убава организирана апликација. Ќе го искористам моментов да им се заблагодарам на дечките кои ја прават таа апликација и се членови на нашиот клуб.

Како негувате позитивна и поддржувачка заедница меѓу вашите клиенти и зошто мислите дека ова е важно за успехот?

Позитивата не е само од наша страна него и доаѓа од позитивата на нашите клиенти. Има денови кога и јас сум негативен па енергијата на луѓето кои вежбаат ме прави и мене најсреќен човек. За поддршка сме секогаш тука во било која област на луѓето кои доаѓаат во нашиот клуб, а највеќе на почетниците кои доаѓаат бидејќи се нови и не се сигурни во тоа што го прават.Тие и највеќе имаат предизвик да дојдат на тренинг бидејќи мислат дека се преслаби или прават работи погрешно. Наша работа е да им кажеме и им покажеме дека и ние сме биле таму и дека со напорна работа и истрајност може да постигнат многу работи не само во сала. Истрајноста бара многу поддршка и позитивна енергија во сите области кои ги правиме. Ние и некогаш сме само тука да дојдете и цела негативна енергија ја исфрлите од предизвиците во денот. И тоа е сосема океј.

Кој е најубавиот аспект од оваа работа, а кои се најголемите предизвици?

Оваа работа има многу убави работи од гледиште на тоа што гледаш луѓе кои напредуваат во тоа што почнале да го прават и се среќни кога ќе забележат некоја промена кај нив. Менуваат перспектива на тоа како го гледаат животот и еден вид твојот принцип на живот им е некаков водич за тоа. Односно менталитетот да не се откажеш и да продолжиш од ден во ден. 

Негативните страни на ова се луѓе кои почнале да доаѓаат на тренинг и се целосно мотивирани. Ти вложуваш многу во нив со цел да ги научиш се што знаеш и да им префрлиш целото знаење кое го имаш, и на крај истите луѓе ќе се откажат да доаѓаат на тренинг. Тоа го сфаќам многу при срце бидејќи сум се вложил целосно и целиот тој муабет на мотивирање и сакање да прават некоја промена многу ме радува но и после за тоа да ме разочара. Бидејќи за секој клиент сите тренери што сме се вложуваме максимално да го научиме и да му дадеме целото знаење што го имаме. Така што предизвикот би бил да ја задржиме таа личност, како и нејзината “мотивацијa”.

Можете ли да споделите момент или искуство во вашата кариера што оставил големо влијание на вашата перспектива за здравјето и тренинзите?

Имало многу моменти каде што сме имале клиенти кои доаѓале со различен вид на повреди и сме успеале да ги пребродиме заедно и нашите тренинзи им помогнале во секој аспект на животот. Една што би ја издвоил е дечко којшто моментално се врати да живее во Колумбија и е фудбалер кој за време на својата летна пауза дојде да тренира кај нас и кога истиот после два месеци отиде на припреми за новата сезона ми пиша дека тренинзите кои ги правеле таму му биле многу лесни и кондиционите тренери кои биле таму го прашале што правел цело лето.. Како да биле изненадени од неговата подготвеност.

Постои ли најдобра или најинспиративна песна/мелодија за вежбање? 

Хахахахах не постои. Која песна и да ја слушаш после некое време здосадува, така што сеа за сеа летниве сетови на дџиве ни се фокусирани во сала. 

Кога би можеле да тренирате со некоја фитнес икона, од минатото или сегашноста, кој би бил тоа и зошто? Како нивното влијание би ги обликувало вашите методи и филозофија?

Убаво прашање морам да признаам. Дејвид Гогинс е човек на кој многу му се восхитувам за тоа што го прави не поради неговата физичка подготвеност бидејќи со доволно посветеност секој може да стигне до тоа ниво. Тоа што многу се восхитувам е неговото гледиште на тоа како треба да се живее животот и работите кои ги правиме. Неговиот став за да не се откажуваш од работите кои ќе ги наумиш е главното нешто на кое сите треба да се фокусираме. Штом си зацртал нешто и си почнал да го правиш, докажи си сам на себе дека можеш. Тоа ќе доведе до нови цели и нови предизвици кои ќе те однесат на места на коишто не си помислил дека ќе бидеш.

Кои се следните планови? Што доаѓа следно во текот на летото и претстојните месеци?

Кратки планови:  моментално е да ја пуштиме нашата апликација и да ја направиме што повеќе подобра во областа која што ја правиме. Со цел да имаме поголема и подобра организација во клубот. За теков на летово ќе одмориме а од септември не чекаат нова сезона добри тренинзи или како што ќе ја крстиме, Сезона 3 хахах бидејќи тренинзите ќе се како шпанска серија. Мала шега, имаме поголема цел за 2025 година и се спремаме за неа.Но,  таа ќе мора да остане во тајност но очекувајте нешто големо!

Ви благодарам за интервјуто. Ве чекаме на тренинзи, после мостот!