Булеварот „Илинден“ да се продолжи право, со мост преку реката Вардар во општина Ѓорче Петров. Се работи за капитален проект, чија минимална вредност ќе биде 10 милиони евра, а реализацијата ќе биде во 2018/2019 година.
Ова вчера беше презентирано на состанокот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на кој се разгледуваше прогресот на решавање на барањата на граѓаните, кои произлегоа од теренските посети на општините низ Македонија.
- Ова е доста комплициран проект кој не е ветен. Имаме сообраќајна студија. Се работи за булеварот „Илинден“ да се продолжи право со мост преку Вардар, па потоа во општина Ѓорче Петров. Тоа е капитален проект. Минималната вредност ќе биде 10 милиони евра и се очекува рализација по 2018/2019. Градбата би почнала најверојатно во 2019, рече претставникот од Град Скопје, Марјан Тодоровски.
Градоначалникот на Ѓорче Петров, Сокол Митровски истакна дека овој проект е многу клучен и за нивната општина и Град Скопје. Тој дополни дека се работи за проширување на „Илинденска“ преку артерските бунари, покрај сервисите и избива на обиколницата кај селото Орман.
Груевски укажа дека доколку е возможно да се забрза реализацијата на проектот.
- Важно е да не застане проектот, да не застанат подготовките, да се истера целата документација, сите процедури, за 2019 да е сигурно и ако може во 2018 година да се почне, рече Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека се врши политичка координација за проектите кои заеднички ги ветиле пред граѓаните и кои граѓаните ги барале при посетата на терен.
- Од тој аспект добро е да видиме до каде сме со она што го имаме ветено. Некаде работите ги извршуваат самите општини, а некаде претставници на централната власт, додаде Груевски.
На состанокот присуствуваа министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, претставник од Град Скопје и градоначалниците на општините Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба, Чучер Сандево, Радовиш, Кичево, Вранешница, Другово, Делчево и Неготино.