Иџет Мемети размислува да се повлече од функцијата потпретседател на Советот на јавни обвинители

Претседателката на СЈОРМ, Душица Димитриеска, информираше дека Меџити ја известил пред почетокот дека нема да присуствува на денешната седница.

''Непосредно пред седницата тој ме информираше дека нема да биде присутен и е на мислење да се повлече од позицијата заменик претседател на Советот на јавни обвинители'', рече Димитриеска.

Мемети заедно со врховниот судија Наке Георгиев се осомничени во истрагата за примање награда за противзаконито влијание. Во изјава за медиумите по определувањето на мерки на претпазливост, Мемети изјави дека е во интерес на сите постапката да заврши што побрзо.

''Од мој интерес, и од интерес на јавноста, е што побрзо органите да ја завршат својата работа. Ова секако како човек ме погодува, меѓутоа, не е добро да зборувам пред медиумите за работа која се води по судски пат. Ве уверувам дека многу брзо ќе заврши и ќе излезе дека ништо незаконски не сум направил'', изјави Мемети.

Во однос со релациите со врховниот судија Георгиев, Мемети изјави дека ги познава сите судии и обвинители, но не разговарал за предмети со нив. Од друга страна пак, Врховниот судија Наке Георгиев доби 30-дневен притвор поради сомневања дека може да ја попречи истрагата и да влијае врз сведоците.

Двајцата се дел од истрагата на ОЈО ГОКК за „примање награда за противзаконито влијание“. Истрагата беше отворена по акција на МВР, по пријава од син на обвинет во предмет што се води во  Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Советот денеска ја одржува 103. седница и ја разгледува информацијата од координаторите за подрачјето на Вишо јавно обвинителство Битола.