Иако МВР демантира, полицајците во Арачиново немаат списи за казни од 2015 година, утврди внатрешната контрола

Внатрешната контрола при МВР вчера утврдила дека полицајците од Полициското одделение Арачиново немале списи за казни уште од ноември 2015 година. 

Минатата недела „Макфакс“ објави дека на службениците им било забрането да подигнуваат вакви обрасци, но МВР ја демантираше веста.

И покрај тоа, неколку часа по објавата, во петокот во Арачиново биле испратени служби од МВР, кои констатирале дека списи нема, а вчера на терен изглегла и внатрешната контрола.

„Во ПО Арачиново сè уште нема списи, а немало ни претходно. Тоа го тврдам под целосна одговорнсот, во интерес на службата и целата јавност“, тврди полицаецот Дејан Саздов, претседател на Независниот синдикат на полицијата за сообраќајна полиција – Скопје.

Според Саздов, командирот на Полициската станица Гази Баба, Томче Петрушевски, наместо да работи во согласност со професионалните стандарди, тој прикривал и спроведувал дела што претставуваат кривична одговорност. Саздов тврди дека Петрушевски со усна наредба издадена до командирот на ПО Арачиново му укажал дека не смеат да бидат задолжени со списите и да не помислува да ги бара затоа што така било одлучено потенцирајќи дека наредбата била од повисоки функционери во СВР Скопје.

МВР објаснуваше дека во текот на изминатите месеци на патот кон Арачиново биле изречени 54 казни, но не објасни дали мерките ги изрекле полицајците од ПО Арачиново или колеги од други подрачни едници. Саздов за „Макфакс“ објасни дека во ситуација кога некој ќе направи прекршок, треба да повикува полициски службеници од други станици да дојдат на местото на настанот и да преземат мерки бидејќи без списи тие не можат да дејствуваат.

„Сега останува да почнат позасилени притисоци кон мене, обиди за местење и преместување поради разоткривањето на безредието и злоупотребата на службената положба. Очекувам со тесна меѓусебна поврзаност да почнат со малтретирање и други постапки бидејќи лицата за кои зборувам се на високи функции“, вели Саздов запрашан дали очекува последици бидејќи јавно ги обелоденува неправилностите во МВР.

Вчера „Макфакс“ побара одговор од МВР за тоа како постапила внатрешната контрола и што утврдила во ПО Арачиново, но од таму молк.