И Драмски театар се поплави по вчерашното невреме

По силното невреме вчера го зафати Скопје и околината, се поплави и Драмскиот театар во Скопје. Министерот за култура и туризам Зоран Љутков на социјалната мрежа Фејсбук објави дека извршил увид на штетите предизвикани од поплавите од дождот.

„Денес бев во Драмски театар на увид на штетите предизвикани од поплавите од дождот. Ако во 2017 година Владата на СДСМ го реализираше проектот за изградба на нов современ објект на Драмски, како што претходно се планираше, денеска немаше да бидеме сведоци на овој потоп. Седумгодишната негрижа за Драмскиот театар не само што стана видлива, туку денеска дождот го онеспособи да биде храм на уметноста. На сцената главната улога од денеска наместо актерите ја имаат кофите“, напиша Љутков на својот ФБ.

Оваа Влада, како што наведува, нема да дозволи да продолжи понижувањето на уметниците и целосно ќе се вложи на создавањето на достоинствени услови за креативна работа на уметниците.