Холивуд ја украде - “Зајди, зајди” не е балканска, туку македонска песна, но тешко се докажува авторството

Познатата македонска песна “Зајди, зајди јасно сонце”, која и во буквална смисла на збор во изминатите шеесетина години станала “македонска народна химна” е толку популарна што и Холивуд ни ја “украде”.

Нумерата е толку многу позната и препеана секаде на Балканот, што дури беше искористена во познатиот холивудски филм “300" од 2007 во режија Зак Снајдер, посветен на храбрите спартанци, кои се спротивставиле на моќната Персиска империја. Имено, една од дваесет и петте нумери во филмот потпишани од композиторот Тајлер Беитс е базирана на песната “Зајди, зајди јасно сонце”.

Поточно се работи за нумерата “Message for the queen” во траење од две минути и 30 секунди, во делот од филмот каде на кралицата и соопштуваат дека нејзиниот сопруг кралот Леонидас, кој водел триста Спартанци во битка против Персискиот “Бог-Крал” Херхес и неговата инвазиона армија, загинал во битката.

Многумина ја сметаат “Зајди, зајди” за балканска народна песна, која потекнува од Македонија, но малкумина знаат дека таа е всушност авторско дело на познатиот македонски пејач на македонска народна музика и композитор на новосоздадени фолклорни песни, Александар Сариевски (1922 – 2002). Дури и од самата холивудска продукција се посочува дека песната е “делумно базирана на старата ‘балканска’ песна општо позната како ‘Зајди, зајди јасно сонце'”. Интересно е што песната е искористена и за популарната видео игра “Battlefield1”.

Не е спорно дека песната е македонска, и дека поради својата убавина ја препеале секаде на Балканот, туку колку авторите во Македонија се во можност да ги наплатат своите авторски права во случајот кога една огромна филмска машинерија ќе реши да ја искористи за свој филм.

Од ЗАМП, пак, објаснуваат дека во ваквиот случај е многу тешко да се докаже авторство.

“Без разлика за која песна и да се работи доколку е жив авторот се бара дозвола таа да се преработи. Доколку авторот не е жив, дозволата се бара од неговите наследници кои го поседуваат авторското право. Доколку наследници не постојат тогаш песната станува народна и секој може да ја преработи и тука не постои проблем, но треба да наведе кој е авторот. Во спротивно, носителите на правото може да тужат”, објаснува Григор Копров, претседател на управниот одбор на Здружението за заштита на авторски и музички права “ЗАМП Македонија”.

Сепак, тој додава дека имало случаеви, но дека се работи за скапа, сложена и неизвесна постапка за утврдување на авторско право.

“Докажувањето е тежок процес. Постапката обично се покренува за песни кои на годишно ниво од емитување носат 500, 700 илјади евра, додека за оние кои носат 200 денари годишно, а судските трошоци се 2000 или 3000 евра, тогаш и не се исплати”, додава Копров. Тој посочува и дека максимум 4 такта од секоја песна од друга автор може да се преземат за да се создаде нова нумера, а притоа таа да не се третира како плагијат.