Грешев...

Грешев. Цел живот грешам. А мислев дека секоја моја постапка е обоена од желбата да помогнам, да се најдам некому, а потоа да продолжам понатаму со својот живот... до следната станица, до следната личност која треба да ги состави скршените парчиња од својот живот. Уживав во процесот на составување на тие парчиња.

Необично се радував кога дури и две делчиња совршено ќе се вклопеа. Имав цел. Бев уметник. Помагав некој повторно да се роди, го праќав со насмевка кон неговата среќа, наивно верувајќи дека ја правам вистинската работа. Дека и јас повторно се раѓам заедно со нив, а не ни насетував дека всушност во процесот се губам себеси.

Навлегувам во нивните темнини, ја впивам нивната болка, го извлекувам своето светло од некоја дупка и упорно сјаам. Сјаам сѐ додека не почувствувам дека светлината си го нашла својот пат и влегла во друга душа. За себе оставав многу малку. Мојот живот исчезна. Ичезнуваше пред мои очи, додека јас се занимавав со други, „поважни“ од мене. Се изгубив себеси.

Навикната да решавам туѓи проблеми, да бидам гласот на разумот, ѕвезда-водилка, се губев во сопствениот живот, чекајќи го следниот човек на кој би можела да му помогнам. А луѓе како луѓе. Земаат сѐ, земаат и повеќе отколку што можат да земат и си одат. Ја затвораат вратат зад себе, некогаш со рака, онака нежно, а некогаш агресивно и луто, со нога. Секое заминување го благословував и одболував. Си велев на себе: „Така треба да биде, мојата мисија е готова.“

Но, моето време конечно дојде. Дојде време да се ослободам од старите навики и новите стравови, дека нема да умеам сама со себе. Време е да се составам себеси. Толку мали делчиња се распространети на толку многу места. Ќе биде тешко, но на крајот ќе биде величествено. Однапред се радувам, како мајка на неродено дете. Прво ќе ги составам деловите од мојата душа, но овој пат ќе ја замолам да сјае навнатре, да ја осветли мојата сопствена темнина. Да ме излечи. Да ми шепне и да ми каже како понатаму. Ова ќе биде прекрасно патување, а на целта самата себеси ќе се чекам со ширум отворени раце.