ГРАДОТ ЌЕ ВОВЕДЕ „РАБОТНО ВРЕМЕ“: Жолтата лента строго за автобуси

Во развојниот план за јавен превоз на патници за периодот од 2017 до 2019 година Град Скопје, меѓу другото, предвидува повторно актуализирање и почитување на сообраќајните ленти наменети за јавниот превоз, таканаречени жолти ленти, со можност за нивно физичко одвојување со помош на делинеатори.

Иако со години важи правилото дека на жолтата лента од коловозот треба да возат исклучиво такси-возилата и автобусите од јавниот градски превоз, ретко кој го почитува тоа.

Ако се почитува ова правило, корисниците на јавниот превоз ќе имаат можност побрзо да стасаат до одредена дестинација, а оние што користат такси-услуги би плаќале значително помали цени.

- Ова правило во Скопје е старо 20-ина години. Пред неколку години беа поставени и физички пречки со цел да се одвои жолтата лента од останатите, но и тоа беше неуспешно - велат дел од таксистите и учесниците во јавниот превоз.

Сегашните 45-50 минути што ги поминува автобусот на ЈСП на релацијата „5“ од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, би се намалиле за двојно помалку кога жолтата лента од коловозот ќе биде само за автобусите .

- Одвојувањето на сообраќајната лента е направено со помош на жолта боја и е наведено дека по потреба лентата ќе се одвојува и физички со помош на делинеатори. Тие би биле исти или слични на оние што се користеа во минатото. Режимот на сообраќај по ваквите ленти би се организирал и користел во временски интервали, и тоа наутро од 6 до 9 часот и попладне од 13 до 18 часот. Во останатиот период од денот како и во деновите сабота, недела и за време на државни празници ќе може да ги користат сите учесници во сообраќајот. На одредени сообраќајници ваквите ленти ќе им бидат резервирани 24 часа на возилата што вршат јавен превоз на патници - објаснија од Градот.

За физичко одвојување на автобускиот од останатиот сообраќај во Скопје се размислува одамна како еден од начините да се овозможи брз и ефикасен превоз. Потребата е поради несовесното однесување на останатите возачи кои не им даваат предност на автобусите или застануваат и се паркираат на крајните коловозни ленти.

За разлика од Скопје, во сите други метрополи е вистинско уживање да се возиш со јавен превоз. Не зборуваме само за развиените метрополи во Европа, туку и во нашето поблиско опкружување.

За жал, свеста и културата на возење во нашиот град е на многу ниско ниво кога станува збор за правилото на жолтата лента. Потребно е да се направат акции во кои ќе се советуваат учесниците во сообраќајот, но и да се казнуваат тие што го прекршуваат ова правило.