Горат купишта гуми во Желино

Купиштата гуми горат кај подвозникот кон селото Сиричино во Општината Желино информираат од ЦУК. Од таму велат дека Тетовската противпожарна единица интервенира на запалени гуми спроти фабрика Киел.

„Гаснењето е отежнато поради големата количина на автомобилски гуми, но нема опасност пожарот да зафати соседни објекти. Се очекува целосно гаснење за максимум два часа“, сметаат во ЦУК.

Од СВР Тетово информираат дека веднаш по пријавувањето на пожарот, на лице место се испратени полициски службеници од полициското одделение Групчин, како и екипи од тетовската Територијална противпожарна единица, кои интензивно се ангажираат на локализирање на настанатиот пожар.

„Се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот – кој и зошто ги запалил гумите, а што претставува кривично дело – загадување на животна средина и природата, согласно член 218 од Кривичниот законик“, велат од СВР Тетово.