Горан од Скопје одговори на вчерашното писмо од Албанецот: Ти оди, а јас останувам тука и ќе се борам за Македонија

По вчерашното писмо на Албанецот З.И. кое го објавивме на Скопје Инфо, денес стигна реакција од Македонецот Горан С. од Скопје. Тој во своето писмо реагира на приказната објавена вчера и го советува З.И. да се обиде да им објасни на своите политичари тоа што тој го мисли затоа што вистинско време е Албанците да сфатат дека ова е Македонија – земја на Македонците и Албанците. Во продолжение во целост ви ја пренесуваме реакцијата на Горан.

Драг пријателе, со внимание го прочитав твоето писмо. Навистина сум горд што во мојата земја има некој што размислува така. Искрено, сакам да те видам да те запознавам и да те поздравам. Да ти честитам што еден млад човек размислува како што ти размислуваш.

Но, сакам да те замолам една работа и се надевам дека ќе ме послушаш. Сакам да ти сугерирам тоа што ти го мислиш да се обидеш да им да го објасниш на твоите политичари. Да им кажеш дека е навредливо и дрско да го рушат уставниот поредок на една земја со интонирање на албанската химна во собранието на друга држава, а во случајов на нашата Република Македонија. Да им објасниш дека тоа што изминатите денови се случуваше во Македонија е директно поттикнато од нив. Дека насилството е свесно испровоцирано и дека секој Македонец ќе застане и ќе ја брани својата држава ако види дека некој ги руши институциите и ја навредува земјата нивна.

Боли пријателе што сето тоа се случува на еден ден кој е многу болен за македонски народ, за еден ден кога е отворена една рана што никогаш нема да зарасне, а вие пријателе и долевате сол на отворената рана. На истиот ден пред десетици години во еден ваков сличен конфликт кој беше инициран на етничка основа животот го загубија Македонци – патриоти кои ја сакаа земјата во која што живеат и нивните животи згаснаа во обид да ја одбранат. И сега после 16 години вие најдовте баш на овој ден да ги поттикнувате и чепкате македонските чувства? Се обидувам да не верувам, но многупати сме биле сведоци дека “случајно“ се случува некој настан кој е поврзан за минатото, ден кога е болен и мрачен за македонскиот народ, баш на тој ден албанските политичари да го провоцираат македонскиот народ со одредени свои постапки.

Пријателче и мене ми криво и не можам да разберам зошто моите пријатели – Албанци ми се лутат кога низ дискусија си ја бранам и заштитувам својата земја. Драго ми е што мислиш дека ова е земја на сите нас, но сите треба да размислуваме тука. И мене не ми е важно дали ќе работам во Чаир или Центар, но верувај дека од исклучително значаење ми е да говорам само на македонски – затоа што македонскиот јазик е единствениот официјален јазик во мојата земја и никако поинаку!

Да.  Сакам моето дете да учи само македонски јазик, а ако успеат неговите пријатели Албанци да го убедат низ муабет и игра нека го научи и албанскиот јазик. И јас знам неколку зборови на албански и напротив не се срамам од тоа, туку сум многу горд.

Драго ми е што ја споменуваш албанската платформа. Не знам за што станува збор и не сум запознаен со нејзината суштина, но знам дека е документ којшто некој наивно го прифати,а тој документ беше објавен токму на еден од најголемите христијански празници, за Божиќ и повторно ќе кажам, многу е мала веројатноста дека тоа е случајно.  Таа некаква си платформа веќе шест месеци ги руши и поткопува темелите на нашата држава, а истовремено наивно ги расипува пријателствата помеѓу ваквите како мене и таквите како тебе. Те поддржувам дека мене и тебе не ни требаат платформи. Тоа што ни треба е иднина, просперитет, квалитетно здравство и култура. Ни треба живот кој ќе биде вреден за живеење. Ни требаат нови инвестиции кои за жал поради политичкава ситуација се одлучуваат да ја заобиколат Македонија.

Се надевам дека ќе се сложиш дека подобро е полн новчаник со пари на македонски отколку празен без оние кои што ќе бидат двојазични?

Кога зборуваме за образование јас завршиш исто на државен факултет, но затоа што не бев дел од малцинските заедници во државата т.е. затоа што не бев Албанец,  студирав во приватна квота која знаеме дека финансиски е поголем трошок. Тебе мојата држава Република Македонија ти обезбедила бесплатно образование, а јас плаќав за тоа. Денес работам во меѓународна организација која спроведува проекти за помош и поддршка на малцинските заедници. Градиме мостови и создаваме пријателства помеѓу „нас“ и „вас“ и навистина сум горд со тоа.

На крајот само ќе кажам дека те поддржувам што ќе заминеш од Македонија барајќи подобар живот некаде, но пријателе јас ќе останам тука и ќе се борам на мојата Македонија. Затоа што верувам во иднината на својата земја и во идните генерации. Но, ќе се борам демократски и достоинственно, а не со насилство кое никогаш не го поддржувам и одобрувам.

Македонија се сака од тука, а не од странство. Јас никаде нема да најдам место вакво како Македонија. Моја обврска е да ја направам Македонија подобра и тоа ќе го правам со задоволство. 

Што мислите вие за ова? Кое е подобро да се бориш и да веруваш во подобро утре или пак да пробаш да се реализираш во некое друго општество?