Ѓорѓиевски: Компанијата шверцер на кокаин добивала државни тендери

„Власта на Заев и криминалот се во коалиција. Последна потврда за тоа е информацијата дека лицата што шверцувале кокаин од Мексико добивале и државни тендери. А денес видовме од медиумите дека има сомнеж за дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска, дека директно брифирала во медиуми за текот на акцијата на МВР, со што ги довела животите на полицајците во ризик. Значи, имаме компанија шверцер на кокаин, која добивала државни тендери, и Славјанка, заменик-министер за МВР, која брифира информации со што ја загрозува акцијата“, изјави Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, фирмата „Бенекс компании“ од Крушопек, чија дејност била увоз на овошје, завчера беше откриена дека заедно со пратките банани пренесувала и кокаин. Но, оваа таа фирма на 31 декември 2018 година на јавен тендер му продала возило на Јавното комунално претпријатие „Тетово“ во износ од еден и пол милион денари. Тоа е време кога Зоран Заев е премиер, Оливер Спасовски министер за внатрешни работи, а Теута Арифи градоначалник на Тетово како кандидат поддржан од СДСМ.

„Скандал до скандал. Кој ќе сноси одговорност сега? Замислете, од илјадници фирми јавна набавка, добила токму оваа фирма, ‘Бенекс’ од Крушопек добила и државни пари. Долго време посочувавме дека во Македонија цвета трговијата со дрога, а Заев и Спасовски ништо не презедоа за нејзино сузбивање. Напротив, гледаме дека наркокартелите дури и биле поддржувани со народни пари. Но, дали е само оваа помош, помошта што ја добиле од власта на Зоран Заев и Оливер Спасовски? Доволен повод за сомнеж за нелегални активности на фирмата ‘Бенекс’ требало да им биде фактот што таа фирма во 2018 година пријавила обрт од речиси 3 милиони евра.

Ќе признаете дека оваа сума е незамислива за многу други сериозни компании, а не за една фирма што увезува овошје. Колку ли пратки со кокаин „Бенекс“ направила во време на Зоран Заев и Оливер Спасовски? Колку од кокаинот поминал низ Македонија, а колку останал да се продава тука? Колку милиони евра била заработката на наркокартелот од Крушопек и дали од тие милиони, неколку завршиле кај претставници од власта? Дополнително, постојат основани сомненија дека високи полициски функционери, предводени директно од заменик-министерот Славјанка Петровска, ја загрозиле акцијата на специјалните полициски сили во Крушопек.

Во текот на акцијата, првин на социјалните мрежи, а потоа и во медиумите, била лиферувана веста за акцијата за сузбивање трговија со дрога, па биле пуштани полувистини. Дали на тој начин биле информирани наркокартелите и се попречувало во спроведувањето на полициската операција? Зарем до таму дојдовме, структурите во полицијата поврзани со подземјето, да минираат акции на своите колеги и со тоа да ги доведуваат во опасност. Криминалот расцвета со Зоран Заев и Оливер Спасовски. Наркокартелите владеат не само со подземјето и улиците туку и со целата држава. На нарковласта мора да ѝ се застане на патот. На 12 април народот ќе ги казни Заев и Спасовски за нивното шурување со подземјето и криминалот. По 12 април, во Македонија ќе владеат правото и правната држава“, додаде тој.