Германија ќе не преплави со стари дизелаши - ќе има ли поголеми давачки за поголемите загадувачи?

Се уште се работи на новиот закон за возила со кој освен категоризација на автомобилите според емисијата на штетни гасови најверојатно ќе бидат воведени и „еколошки лепенки“ во различна боја кои ќе покажуваат кој колку загадува. Новите закони, како што велат во Царинската управа, се подготвуваат поради потребата да се усогласат со законодавството на Европската унија.

Ова во пракса ќе значи дека поголем данок ќе се плаќа за поскапи автомобили, со поголема кубижа, а секако, меѓу најпогодените ќе бидат купувачите на стари возила во кои нема вградено мотори кои ги задоволуваат најновите еколошки „евро 6“ стандарди. Значи колку повеќе загадува автомобилот, толку повисок данок ќе се плаќа при неговиот увоз.

Од пред една година Германија почна да ги чисти патиштата од старите дизелаши, последната понуда беше субвенција до 10.000 евра за купување нов автомобил, па така околу 6 милиони германски половни возила го преплавија европскиот пазар. Најголем дел од нив, речиси со сигурност завршија во посиромашните земји, како балканските, меѓу кои е и Македонија.

Според статистиката, по германските патишта во моментот возат околу 15 милиони дизел автомобили кои ги исполнуваат евро 4, евро 5 и актуелниот евро 6 еколошки стандард. Од нив, 6,7 милиони одговараат на евро 4 регулатива, други 6 милиони ги задоволуваат евро 5 прописите, а останатите се од највисоката еколошка класа

Луѓето од авто- салоните велат дека увозот на стари возила не само што предизвикува зголемено загадување на воздухот, што е голем еколошки проблем со кој се соочуваме секоја зима, туку последици од намалениот бизнис трпат и илјадниците вработени во секторот и во другите придружни дејности.

Од друга страна, сопствениците на плацеви за продажба на половни возила трљаат раце. Тие очекуваат зголемени испораки на дизел возила со евро 4 од Германија, за какви што е дозволен увозот кај нас.

- Возила со евро 4 стандард можат слободно да се увезат кај нас, а поради големата понуда ќе бидат многу евтини да се купат во Германија. Нема да има проблем за продажбата, нашите луѓе сакаат коли донесени од Германија. Без разлика колку се стари сите се добро сочувани и сервисирани, коментира еден сопственик на авто- плац.

Според податоците на Царинската управа во првиот квартал од годинава биле увезени 1.371 нов и 6.458 половни автомобили што е за 77 односно за 1.710 повеќе во однос на истиот период лани.

Увозниците се оптимисти – пазарот се стабилизирал и полека се враќал на старите нивоа.