Герасимовски: Исплатени се 7.000 денари парична помош за новороденчиња на 70 семејства во Центар

На 70 семејства од општина Центар од почетокот на оваа година им се исплатија по 7000 денари парична помош за новороденчиња, информираше градоначалникот на општината Горан Герасимовски. 

Средствата им се доделуваат како првична помош и поддршка на родителите кои имаат принова во семејството и се жители на Општина Центар.

Герасимовски денеска посети дел од семејствата и лично им ги врачи решенијата за доделување на оваа парична помош заедно со пригодни подароци и на најмладите им посака добро здравје и безгрижно детство.

-Оваа парична помош Општина Центар ја доделува тековно секоја година како дел од активностите за детска заштита и во рамки на проектот за првична помош и поддршка на родителите кои имаат принова во семејството и се жители на Центар. Исто така Општина центар ги поттикнува сите родители на новороденчиња да го користат правото за користење на парична помош со поднесување на барање и потребната документација најдоцна до наполнување на шестиот месец на новороденчето, порачаа од општината. 

Оттаму велат дека и понатаму ќе продолжат да реализираат проекти од областа на детската заштита и да се грижат за најмладите кои претставуваат најголема радост за секое семејство.