Фото: Занаети што изумреа во Скопје

При крајот на 19 и почетокот на 20 век, конкуренцијата на странската индустриска стока потиснала многу занаети.

Во периодот помеѓу двете светски војни занаетчиството продолжило да опаѓа. Производствената техника во занаетчиството останала примитивна и неизменета, бидејќи за модернизација немало расположливи пари и кредити. До појавата на индустриското (фабричко) производство, занаетчиството било главна стопанска гранка во градот.

Еснафите постепено почнале да се распаѓаат отстапувајќи место на капиталистичкото стоковно производство. Во почетокот на 20 век наеднаш престанале функциите на старите еснафи што особено се почуствувало во периодот помеѓу двете светски војни, поради развојот на индустријата.

Еснафите се обидувале да се спротивстават на конкуренцијата, со тоа што се здружувале во задруги и преку нив ги продавале своите производи. Се забрзал процесот на опаѓање на одредени занаети, додека некои продолжиле да егзистираат, но со осетни знаци на опаѓање.

Во овој период замреле многу традиционални-ориентални занаети кои биле поврзани со изработка на производи за турската војска како: пушкарски, ножарски и шаторџиски, потоа занаети поврзани со изработка на градска облека: абаџии, бесчии, вилнари, ипекчии, кондураџии, калапџии, наланџии, папуџии (почнале да изработуваат нов вид обувки), терзии, срмаџии и др. Се појавиле нови занаети: шапкарски, пегларски, френк-терзиски, кројачи за дами, модискињи(за женски шапки), браварски, тапетарски и др.

Во периодот меѓу двете светски војни во Скопската чаршија сé уште работеле следниве занаетчии:

Абаџии– со овој занает се занимавале и христијани и муслимани. Изработувале машка облека од аба (сукно, шајак), која се носела и во селата и во градот. Во 1925 год постоеле само 8 абаџиски дуќани. Со постепеното навлегување на градската облека, абаџискиот занает почнал да опаѓа, за на крај да изумре.

Ашчилници (гостилници) – ги имало и во Чаршијата, но и на десната страна на градот. Во нив се служеле храна и пијалаци. Еден од скопските ашчии бил Сарџо Србиновски. Неговата ашчилница се наоѓала спроти Железничката станица. Освен готова храна и пијалаци во ашчилницата се продавале и други продукти. Работела и како гранап. Ашчилницата ги служела патниците од Железничката станица. Синот Јаким бил страсен фотограф и направил многу фотографии што се сопственост на Музејот на град Скопје.

Алваџиско-бозаџиски дуќани во 1928 год. имало 21, а со овој занает најчесто се занимавале муслимани.

Работилници за алкохолни пијалаци-пецари, во 1928 год. имало вкупно 6. Фамилијата Калајџиеви се занимавала со производство на алкохол.

Работилници за производство на бои и лакови, во 1928 год. имало 4, а една од нив била работилницата на Никола Божиновски.

Бојаџиите на текстил не биле многу барани, поради сé поголемата употреба на индустриски платна, а останале само “селски “ бојаџии кои се делеле на бојадисувачи и фарбари на свила, волна и памук.

Бичкиџиите изработувале штици и друга граѓа од дрво.

Бонбонџилници и дуќани за локум во Скопје имало неколку. Една од попознатите која прераснала во фабрика, е работилницата на Теохар и Пане “Европа”.

Јорганџиите имале своја јорганџиска чаршија. Овој занает почнал да се развива откако во градот почнале да се употребуваат кревети за спиење. Имале свој еснаф со печат, а слава им била Петровден. Во 1928 ги имало вкупно 10.

Казанџиите имале свој еснаф и посебна чаршија, казанџиска. Казанџиите произведувале садови за јадење и пиење, како и други покуќнински предмети од бакар. Пред навлегувањето на порцеланските садови, во употреба биле садовите од бакар. Еснафска слава им била Св. Спиридон. Ковачкиот занает е еден од најстарите занаети. Со овој занает претежно се занимавале Роми.

Кујунџиската чаршија и еснаф уште се нарекувала и златарска, а изработувале накит, крстови од сребро и злато за цркви и манастири, кандила и разновиден накит, прстени, обетки, пафти, ѓердани и др.

Кожарите ја преработувале кожата, биле извозници на сурова кожа, а кожарските работилници за трговија со материјал за обувки, заедно со чевларскиот занает, биле тесно поврзани со папуџискиот занает.

Ќурчиско-кожуварскиот занает имал најјака еснафска организација. Нивната чаршија била во Ќурчи-ан. Името го добиле по изработката на ќуркови- горна облека (палто од кожа). Ќурчиите сами ја штавеле кожата, односно ја приготвувале суровината, а крзнарите користеле готова суровина-кожа од разновиден дивеч. Ќурчиите купувале јагнешки, овчи и други кожи, ги штавеле, потоа ги поставувале на џубиња и друга облека, а од овчите кожи за селаните правеле кожуви.

Опинчарите изработувале опинчарски производи за пазарите или по порачка. Биле организирани во чаракчиски (опинчарски) еснаф кој имал свој печат.Папуџискиот еснаф изработувал папучи од штавена кожа, но не произведувале опинци од штавена кожа, бидејќи тоа го правеле опинчарите. Овој еснаф се делел на дустабанџии и чизмари. Првите изработувале папучи, а вторите чизми.

Самарџиите изработувале самари за коњи и магариња.

Кројачи на машки одела во 1928 год. имало 62.

Леблебиџиски занает е занает во врска со исхраната и немал своја чаршија и еснаф.

Касапско-месарскиот занает имал своја чаршија – Касапаана.

Мутавџиите имале своја чаршија и еснаф. Од козина изработувале покривки, зобници, вреќи и др. Еснафска слава им била Св. Тома.

Свеќарите се викале и мумџии, а се занимавале со изработка и продажба на свеќи.

Терзискиот занает – Терзиите имале своја чаршија, работеле во т.н. терзиски одлариња. Шиеле од потенки материјали за разлика од кафтанџиите.

Часовничарскиот (саатчискиот) занает во периодот помеѓу двете светски војни, а и порано како последица на техничко- технолошкиот напредок бил многу застапен. Мајсторите од овој занает биле почитувани стопанственици и поради фактот што освен со поправање на часовници се занимавале и со нивна продажба.

Појавата на фотографскиот занает се совпаѓа со пронаоѓањето на самата фотографија. Во периодот помеѓу двете светски војни фотографскиот занает во Скопје доживеал вистинска експанзија. Во 1925 год. во Скопје имало 7 фотографски ателјеа и 3 дуќани за фото-материјал.