Факултетите ги претставија студиските програми пред скопските средношколци

Средношколците од 22 средни училишта покажаа голем интерес и се запознаа со студиските програми на факултетите и универзитетите во рамките на проектот “Училиштата на Град Скопје со отворени врати за факултетите и универзитетите за промоција на нивните студиски програми” што се реализираше во периодот од 15 март до 1 април годинава.

– Универзитетите и факултетите имаа можност во точно определен ден, без да се наруши наставата, да ги презентираат своите програми и непосредно да дадат одговори на прашањата што си ги поставуваат идните академски граѓани. Нивните студиски програми просечно беа претставени пред околу 150 ученици во завршните години од средното образование, во секое училиште – информираат од Град Скопје.

За реализација на проектот беше ангажиран стручен тим од Секторот за образование на Град Скопје, средните училишта во градот со нивните стручни служби, класните раководители, дежурните вработени и останатите административни работници кои дадоа сериозна поддршка за спроведување на отворените денови.