„Едвај две коли се разминуваат на „Прашка“ и со канализација од 1963 година не може да се направат висококатници“, смета новинарката Ивановска за проектот кај „Алумина“

Деновиве во јавноста актуелна е темава поврзана со урбанизацијата на просторот околу поранешната фабрика „Алумина“. Според плановите на Општина Карпош, деталниот урбанистички план предвидува на тоа место да се изградат 8 згради, од кои две ќе бидат со катност од 35 катови.

Градоначалникот Стевче Јакимовски на вчерашната прес конференција зборувајќи за најавените амандмани на советничката група од редовите на ВМРО ДППМНЕ со кои ќе го блокираат донесувањето на ДУП-от истакна дека новите згради кај „Алумина“ предвидени во Деталниот урбанистички план се современи објекти како што има во Дубаи, Чикаго, Торонто, Виена, Софија и во Белград.

На оваа тема вчера на социјалните мрежи пишуваше поранешната новинарка Јорданка Ивановска – Јоци која смета дека со канализација од 1963 година и улици на кои две коли не може да се разминат, тешко е да се направат висококатници.

„Веројатно Стевче не видел како изгледа канализација во Чикаго и каде улиците се чисти и затоа кажува работи дека Карпош може да биде Чикаго“, вели Ивановска и додава дека канализацијата таму е како „спејс шатл“, а сите кровови се со зеленило.

Ивановска смета дека со канализација од 1963 година и улици како „Прашка“ и „Париска“ каде не можат да се разминат две коли, не може да се градат населби со висококатници.

Таа коментира и за ставот на Јакимовски дека доколку не се донесат овие два детални урбанистички планови, општината нема да има пари за реализација на проекти.

„И за да биде комплет мелодрамата која ја шитка во етер, за неговиот омилен инвеститор, Пуцко, вели - ќе немал пари за проекти во Карпош, ако не се изградат зградите. Пошто две години се утепа Стевчо од проекти, тревка никаде не посади, па сега допрва ќе немал пари“, додава Ивановска.

Инаку, минатата недела Општина Карпош објави 3Д-презентации како ќе изгледа просторот кај поранешна „Алумина“ во населба Тафталиџе, а според предвиденото ќе се гради комплекс од 8 згради со различна катност, меѓу кои двете највисоки ќе бидат со по 35 ката, односно приземје и 34 ката.