Кај „Алумина“ ќе никнат две 35-катници, планот предвидува и уште шест други згради

Општина Карпош објави 3Д-презентации како ќе изгледа просторот кај поранешна „Алумина“ во населба Тафталиџе, а според предвиденото ќе се гради комплекс од 8 згради со различна катност, меѓу кои двете највисоки ќе бидат со по 35 ката, односно приземје и 34 ката.

Според 3Д-презентацијата која е објавена на веб-страната на Општина Карпош, на просторот се нацртани осум згради, од кои шест се со висина од 9 до 14 ката, а две се кули од 25 до 35 ката. На просторот ќе се изградат модерни згради, со зелени тераси и покриви, а меѓу објектите ќе има зеленило и пешачки патеки.

Анкетни листови со забелешки на овој план можат да поднесат само оние кои се сопственици на земјиште во просторот на „Алумина“. Граѓаните кои имаат куќи веднаш до новиот комплекс згради кој се планира и кои живеат тука со години немаат право да поднесат анкетен лист оти не се во овој блок кој се планира.

Од граѓанската група „Борба за Влае“ велат дека со овој предлог ДУП личи како градоначалникот Стевчо Јакимовски да не се грижи за општината, за Тафталиџе и за целиот град.

„Ниту парк, ни нешто од јавен интерес. За градски четврт во кој нема жители кои можат да се пожалат на анкетниот лист бидејќи во таму имаше фабрика, не домови, а Општината не дозволува да реагираат другите жители ниту ги зема предвид коментарите од алатката е-урбанизам. Планира 35-катници и не дозволува соседите да дадат мислење. Северно од тие 35-катници, преку една мала уличка, има куќи и зградички кои таму постојат со децении и немаат право да се пожалат за тоа што ќе им биде одземена сончевата светлина. Зградите во Алумина од 35 спрата се врв на алчноста и непочитувањето кон сите жители на Карпош“, стои во објавата на Фејсбук.