Државата потрошила 154 милиони евра за гасоводи кои не се во употреба

Државниот завод за ревизија во најновиот извештај вели дека иако се поминати 13 години во изградба на гасоводи низ целата територија на Македонија тие сепак не се употреба. За оваа намена државата потрошила 154 милиони евра пари на граѓаните и дека и покрај ваквата трошење на народни пари сепак сеуште заостануваме во енергетската транзиција.

„Во периодот од 2014 до 2023 година за изградбата на магистралните гасоводи ЛОТ1-61 km (Клечовци- БС5 изграден) , ЛОТ 1 – 36 km (БС5 – Неготино со ГМРС Штип и ГМРС Неготино), ЛОТ 2 (Неготино (Кавадарци) – Битола) и ЛОТ 5 (км Гостивар-Кичево, Одобрение за градење) склучени се договори и анекси кон договорите, како и договори за непредвидени и дополнителни работи во вкупен износ од приближно 156,4 милиони евра.

Причини за ваквата состојба се слабостите во делот на запишување на правото на сопственост на линиските инфраструктурни објекти, но и бавното решавање на предметите за експропријација за коишто во периодот од 2018 до 2022 година биле исплатени приближно 2 милиони евра„ се вели во извештајот.

 Утврдени биле и слабости во следењето на реализацијата на договорите за изградба и надзорот над изградбата на магистралните гасоводи, како и во начинот на одржување на гасоводната  мрежа.

„За делниците кои не се изградени, а за кои се набавени материјали и резервни делови е утврдено несоодветно управување со нивната залиха, што претставува ризик од нерационално трошење на јавни средства“ се посочува во извештајот

Имено, ревизорите утврдиле постоење на залихи на материјали и резервни делови, со вкупна вредност од приближно 1,6 милиони евра, кои се набавена пред 2019 година и истите не се користат, со што се доведува во прашање потребата од нивна набавка како и можноста истите да бидат застарени и неупотребливи.

 За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности за развој на гасификација на државата, со што би се постигнало добивање на поевтин енергенс, пониски трошоци, заштита на животната средина, подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, поврзување со соседните држави и поголема конкурентност на стопанството на странските пазари.