Од следната грејна сезона може да се очекува на гасоводната мрежа во Скопје да се приклучат првите домаќинства

Според најавите, веќе следната грејна сезона може да се очекува на дистрибутивната гасоводна мрежа во Скопје да се приклучат првите домаќинства, пишува Фактор

- Гасификацијата, односно развојот на дистрибутивната мрежа треба да претставува приоритет во наредниот период со цел да им се даде можност на домаќинствата да го користат природниот гас, пред се за загревање, но и за топла вода и готвење, посебно на тие што живеат во индивидуални куќи- изјави неодамна Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

Тој порача дека треба да се обрне внимание на трошоците за приклучок кон оваа дистрибутивна мрежа, односно предлага тие да бидат што е можно пониски во однос на реалната цена за приклучокот, а разликата да ја плаќа соодветната општина или Градот Скопје. Така гасот ќе биде конкурентен и поголем број домаќинства ќе преминат од греење на дрва на природен гас.

Основата за пресметка на тарифите е поставена во Правилникот за определување на регулиран максимален приход и регулирани просечни тарифи. Примената на овој Правилник се однесува на друштвата кои имаат обврска да обезбедат јавна услуга за пренос на природен гас, организирање и управување со пазарот на природен гас и дистрибуција на природен гас.

Како што велат во РКЕ, регулирањето на тарифите, се заснова на начелата на објективност, транспарентност и недискриминација и со нив, меѓу другото, се обезбедува: урамнотежување на интересите на вршителите на енергетски дејности и потрошувачите на природен гас, заштита на потрошувачите од каква било злоупотреба на доминантната позиција на пазарот, креирање на мерки за поттикнување на ефикасно работење на вршителите на енергетски дејности, вршителите на енергетски дејности да ги надоместат оправданите трошоци, како и да стекнат соодветен принос на капитал, финансиски средства неопходни за инвестиции со кои ќе се обезбеди одржливо и сигурно функционирање на енергетските системи, отстранување на вкрстените субвенции меѓу групите потрошувачи и прелевање на приходите и трошоците при вршење на регулираните и/или нерегулираните енергетски дејности и надоместување на трошоците за набавка на природен гас за покривање на загубите во системот за пренос и системот за дистрибуција на природен гас.