ДОМ во акција за чистење на дива депонија во Кисела Вода

По повод Светскиот ден на чистењето отпад, партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ), која има зелена идеологија, денеска ќе се вклучи во кампањата за чистење во која учествуваат сите зелени партии во Европа.

По тој повод, ДОМ организира акција за чистење на дивата депонија зад маркетот „Супер Тинекс“, на улица „Борис Трајковски“ во општина Кисела Вода, со почеток во 10 часот.

„Ги повикуваме сите заинтересирани граѓани да се приклучат во акцијата и да придонесат за почиста и поздрава животна средина“, се наведува во партиското соопштение.

Оттаму појаснуваат дека целта е да се подигне еколошката свест, да се купуваат што помалку пластични производи за еднократна употреба, отпадот да се селектира и рециклира и да се одложува исклучиво на местата одредени за таа намена.