Димова: Притисок за повлекување на пријавата за злоупотреба на европските фондови ми правеа СДСМ и лице од ВМРО кое гласаше за Уставните измени

Европската канцеларија за борба против измами – ОЛАФ бара враќање на 2,2 милиони евра, пари кои биле наменети за проекти во Македонија, а биле злоупотребени, дознава Нота.мк. Информацијата лани во декември стасала и до Владата и до други институции.

Во пријавата која е поднесена до Јавното обвинителство од страна на вработена во Националната агенција се наведени 23 лица За првопријавеното лице е наведено дека е македонски и бугарски државјанин, а меѓу пријавените има и две лица од Грузија. Во пријавата се обвинува дека во 2016 година е оформена група на лица со цел стекнување противправна имотна корист преку злоупотреба на ЕУ-фондови и дека за прикривање на трагата на парите, во еден случај тие завршиле во фирма во Бугарија.

 Во пријавата се посочува дека е направена и злоупотреба на лични податоци преку пристап до системите на Европската комисија преку внесување, обработка и дистрибуција на материјали од доверлив карактер. Грузиските државјани служеле како проформа договорна страна за извлекување на средствата. Во пријавата се наведени и училишта, односно нивни претставници, кои биле вклучени во таа шема и кои биле користени исто така проформа за извлекување пари, кои завршувале во две фирми.

Лидија Димова, тогашната директорка на Националната Агенција вели дека притисок за повлекувања на пријавата и правела нејзината партија СДСМ во присуство на лице од ВМРО-ДПМНЕ кое гласало за Уставните измени.

„Јас долго време живеев во заблуда дека ја имам поддршката од Владата и од СДСМ. Но, од денешна перспектива ми е јасно дека тие никогаш не ме сфаќале сериозно. Всушност, мислам дека тие не веруваа дека ќе ја разоткријам целата шема и ‘ме пуштија да си играм детектив’. Но, кога веќе ја открив шемата и ја обзнанив на прес-конфереција, веќе беше доцна – Брисел знаеше сѐ! И тогаш го доживеав пресвртот – прво од мене се побара да ја повлечам пријавата, и кога не послушав, следуваше медиумската хајка со ‘тренираните магариња’, моето разрешување и сега судењето“, нагласува Димова.