Денеска се поднесува барањето за стечај на “Еуроникел“

Денеска вработени на кавадаречки “Еуроникел“ ќе поднесат до судот барање за стечај. Оваа информација за МИА е потврдена и од претседателот на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство Игор Герасов и претседателот на оваа синдикална организација во ,,Еуроникел индустри", Миле Ѓорѓиев.

- “Барањето ќе биде поднесено во судот во Кавадарци. Всушност, една прилепска компанија доверител претходно има поднесено вакво барање и ние сега само се приклучуваме кон тоа барање за кое ќе се одлучува на втори февруари. Нашите плати се приоритетни, ние како работници сме доверители од прв ред“, рече Ѓорѓиев.

Досегашни вработени во фабриката очекуваат дека после стечајот, ќе се изнајде купувач на имотот од банката доверител што сега го има во сопственост имотот, за пак да се рестартира фабриката.

- “Инвеститорот нема врска со стечајот. Инвеститорот работи на купување на делот од банката што е ставен под хипотека, имотот, а компанијата ,,Еуроникел" оди под стечај. Ќе се отвори нова компанија и ќе продолжи да стопанисува со комбинатот. Според информациите што ги добивме, финални разговори имало со турски инвеститор и се надеваме дека ќе се постигне договор“, нагласи Герасов.

Во периодот што измина стотици вработени протестираа и блокираа патишта се со цел да се изнајде решение за фабриката каде егзистираат околу 800 семејства. Во моментов околу сто луѓе одат на работа во фабриката, за да ја одржуваат печката во топла состојба.