На платото пред Центарот на социјални претпријатија (пред АРМ, позади Меморијалот на Мајка Тереза) утре со почеток во 10 часот ќе се одржи Саемот на граѓански организации и социјални претпријатија, во организација на проектот на ЕУ „Поддршка на социјалните претпријатија”, имплементиран од Ептиса, Барка и Екорис, каде корисник е Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Цивика мобилитас.
Официјалното отворање на саемот ќе го означат Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, Заменик министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин, Амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во С. Македонија, Н.Е Вероник Улман и Амбасадорот на Европската Унија во С. Македонија, Н.Е Дејвид Гир.
На саемот ќе бидат присутни граѓански организации и социјални претпријатија од земјата.
Социјалните претпријатија преку економски активности прават добро за општеството, тие вработуваат маргинализирани групи и го реинвестираат својот профит со цел решавање на одредени општествени проблеми. Тие нудат конкретни услуги и производи кои ќе ги презентираат и на утрешниот саем.
Граѓаните ќе можат да ги видат нивните занаетчиски производи, накит, мебел, ламби, облека итн. и да се запознаат со нивата работа, гледајќи од блиску што значи да се биде социјално претпријатие, информираа од МТСП.