Демант од Град Скопје за тврдењето на здружението на граѓани „Го сакам Водно“ околу обвинувањата за изградба на нов пат

Градот Скопје ги демантира тврдењата на здружението „Го сакам Водно“ во однос на обвинувањата дека е изграден нов пат на Водно со што е уништено зеленило на планината.

Сакаме да ја информираме јавноста дека на посоченото видео во дел се прикажува постоечка патека, додека во дел се прикажува пристапен пат до постоечки имоти (ниви) кој изминатиов период е исчистен (порамнет).

На ден 01.11.2018 година, екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ направија увид во активностите на овој потег, каде е утврдено дека не станува збор за изградба на нов пат, туку станува збор за чистење на патека (порамнување на терен) во должина од околу 550 метри, каде се отстранети гранки, грмушки и камења, со цел да се овозможи пристап до имотите (ниви) на лицата. Лицата, претставници од месната самоуправа Грчец, поседуваа уредна согласност издадена од страна на општина Сарај за оваа активност.

За време на порамнувањето на теренот, на терен во текот на сите активности присуствуваа вработени од ЈП „Паркови и зеленило“ и можеме да потврдиме дека за време на чистењето на теренот не е оштетено ниту зеленило ниту едно дрво.

Оваа патека која е исчистена се поврзува со веќе постоечка патека и не станува збор за никаков пат или уништување на планината Водно.