„Цел Центар на точак" - субвенции за купен велосипед

Од мај жителите на општина Центар ќе можат да аплицираат за субвенции за купен велосипед. Општината и годинава ќе го спроведува проектот "Цел Центар на точка" со кој е предвидено да бидат субвенционирани околу 1.000 граѓани.

Право на субвенција имаат само полнолетните граѓани. За добивање паричната помош жителите на Центар треба до општината да поднесат: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, фискална сметка со сметко-потврда или фактура за купен велосипед. Барањата со комплетната документација се доставуваат во архивата на Општина Центар. По доставувањето на документите, подносителите ќе бидат известени за редниот број на поднесокот и субвенционирањето. Правото на субвенција е еднократно. 

"Изминативе две години имавме голем интерес за овој проект. Првата година субвенциониравме 860, а лани 1.100 граѓани. Според средствата кои ќе бидат одобрени од буџетот и годинава помош за нов велосипед ќе добијат околу 1.000 граѓани ", рече градоначалникот Андреј Жерновски. 

Општината како и минатата година ќе субвенционира 30 отсто од цената на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари за секој купен велосипед.